„Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска го откупи „Нешнел џиографик“

Македонија повторно испиша историја во светската кинематографија, велат од Агенцијата за филм, откако „Приказната за Силјан“ на двојно оскар-номинираната режисерка Тамара Котевска е откупен од „Нешнел џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films) еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања.

Како што посочуваат од Агенцијата, филмот годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

„Откупот од National Geographic Documentary Films значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на National Geographic и Disney+ со силна маркетинг и фестивалска поддршка. За македонски филм, ова е историски успех затоа што станува збор за институција која стои зад добитници на ‘Оскар’ и ‘Еми’, а самиот факт што ја препозна ‘Приказната за Силјан’ е доказ за неговата универзална вредност. Паралелно со договорот со National Geographic, дел од правата за ‘Приказната за Силјан’ ги превзема британскиот ‘Dogwoof’, чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на ‘Оскар’ и ‘Бафта’. ‘Dogwoof’ ќе биде задолжен за дистрибуцијата на филмот во Австралија, Јапонија и Полска“, соопштува Агенцијата.

Истовремено, Здружението на филмски работници на Македонија официјално го предложи филмот како годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм што, според Агенцијата, претставува уште едно признание дека визијата на Котевска ги надминува границите и отвора ново поглавје во историјата на нашата кинематографија.

„Како годинашен македонски кандидат за ‘Оскар’ во категоријата за најдобар интернационален филм, што за нас е навистина голема чест, ‘Приказната за Силјан’ веќе предизвика значајно внимание на светската сцена. Филмот беше вклучен на листата на најдобрите 15 светски остварувања според Indiewire и Hollywood reporter. Иако на Венецискиот филмски фестивал беше прикажан во селекција Оut of Competition – програма во која секоја година учествуваат реномирани автори како Херцок и Софија Копола, чијашто цел е нивните филмови да ги пласираат на неколку А-категорија фестивали, сепак ‘Приказната на Силјан’ успеа да освои специјална награда“, стои во соопштението на Агенцијата.

Тамара Котевска, режисерка и продуцентка на филмот, вели дека уште како мала, National Geographic и’ била омилена литература.

„Статиите и приказните од National Geographic ме инспирираа да станам документарист. Од тогаш сонувам да ги доживеам авантурите и предизвиците на фотографите и документаристите кои работат за оваа компанија. И сега, кога истата таа компанија го купи мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон кој не мислев дека може да стане реалност. За мене, тоа е најголема потврда дека филмот е веродостоен и дека неговата приказна е релевантна на светски рамки. Сето ова ни дава надеж дека филмот ќе има уште поголем одек во следната фаза на оскаровската трка, но тоа истовремено нè задолжува да вложиме сериозен труд и работа“, изјави Котевска.

Инаку, „Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на земјоделецот Никола и неговата неочекувана врска со бел штрк со повредено крило – метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.