„Пријави проблем, вклучи се, биди корисен!“ – МОФ ги повикува младите да мапираат еколошки проблеми

Младински образовен форум ги повикува младите да пријават еколошки проблеми во нивната околина. Оттаму посочуваат дека проблемите во животната средина се повеќеслојни, што влијае на целокупниот квалитет на живот во урбаните и руралните средини.

Затоа, нивната идеја е да ги поттикнат младите да се ангажираат, солидаризираат и да учествуваат во процесите на своите заедници.

„Дали вашата општина има проблеми со управување со отпад или депонии? Проблеми со организирањето на јавните локални простори? Постои недостаток на велосипедски патеки и алтернативна мобилност? Можеби загадениот воздух, почва или загадената општинска вода е нешто што највеќе ве загрижува? Вашиот проблем може да го пријавите на следниот линк“, се вели во соопштението на МОФ.

Од организацијата појаснуваат дека мапираните еколошки проблеми од овој прашалник понатаму ќе бидат дискутирани и со локални организации, локалната самоуправа и бизнис-секторот за пронаоѓање на решение.

„Во рамки на проектот ќе бидат реализирани 5 локални еколошки акции за мапираните проблеми. Исто така, ќе бидат креирани и документарно-новинарски видеа за процесот на застапување за решавање на проблемите“, информираат од МОФ.

Активностите ќе бидат дел од проектот „Креативна младинска акција за животна средина“, кој  се спроведува со поддршка од Фондација Отворено општество Македонија.