Претставување на проектот „Медиумски писмен студент“ и забава на платото на УКИМ

Во петок (27 октомври), во 13 часот на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе биде претставен новиот проект насловен „Медиумски писмен студент“, кој има за цел да го продлабочи студенско разбирање за медиумите.

Со овој проект ќе се потенцира важноста на критичкото читање на медиумите од страна на студентите во контекст на медиумската култура и културата на информирање типична за Република Македонија (конвенционални и нови медиуми), а акцент ќе биде ставен на социјалните мрежи.

Целта, како што велат организаторите. е да се намали дистанцата од медиумите по пат на разбирање на нивното функционирање и запознавање со нивната содржина, како и нивно поставување во различни переспективи во однос на системите во кои тие се развиваат.

Проектот ќе опфати повеќе активности (работилници, едукација, подготовка и дисеминација на печатени материјали) со што студентите би стекнале подобро медиумско разбирање, а со тоа и можност да ги имплементираат сознанијата во нивната натамошна активност. Преку едукација на студентите за медиумската писменост (на додипломски и постдипломски студии), да се поттикне нивната критичка перцепција за медиумските содржини и нивно активно вклучување во општеството.

Како посебни и конкретни цели се следниве:

– Да се информираат студентите за концептот медиумска писменост;

– Младиот човек (студент) да се научи да биде активен гледач, независен истражувач и вистински учесник во медиумската комуникација;

– Заштита од медиумските влијанија и манипулации;

– Оспособување за креативност во односот кон медиумите;

– Формирање на независна лична визија за било кој тип на медиумска содржина;

– Градење на свест за опасноста да се стане медиумска мета;

– Проценка на вредноста на пораките;

– Генерациско приближување: младите се посебно изложени на новите медиуми, тие се и посебна мета на медиумите, особено како купувачи, но низа примери говорат дека се способни да развијат рефлекси и соодветно да реагираат на одредени провокации кои ги изненадуваат возрасните

– Да научат како да се заштитат од медиумските влијанија и манипулации преку инструментите кои им стојат на располагање, а пред се преку поднесување претставки до Советот за етика.

По официјалниот дел, следува и музички настан.