Град Скопје денес го презентираше конечниот план и сите информации за изградбата на новиот забавен парк кој треба да го замени стариот Луна парк во Скопје.
Ќе се гради на старата локацијаи ќе има три зони, детска, фамилијарна и адреналинска зона, во коишто ќе се постават 24 различни реквизити и содржини.
Проектантот и архитект е Франко Бараѕони, претставник на италијанската компанија на Баусаа, коишто ги изработија и се донатори на студијата и планот за изградба. Новиот забавен парк ќе има современи реквизити за да биде пожелно место за забава на семејствата и на сите посетители без оглед на нивната возраст.
„Самиот парк ќе се протега на истата површина како и досега и нема да се уништува постојното зеленило во Градски парк, а во паркот нема да биде исечено ниту едно дрво за негова изградба. Сите реквизити во паркот ќе се поставуваат, односно лоцираат, според постојните дрвја на парцелата“, посочуваат од Градот.
Забавниот парк ќе се простира на околу 26.000 квадратни метри, и ќе треба да обезбеди нови најмалку 100 директни вработувања, а над 500 индиректни нови вработувања.
Како што веќе пишуваше Радио МОФ, Луна паркот со години не е во функција, а на неговото место сега зјаат започнати, а недовршени градби.