Претседателски избори: Иванов и Пендаровски во втор круг

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен претседател, Ѓорге Иванов, според преброени 99,72 насто од гласови освоил 448.303 гласови или 51,65 проценти од оние што излегле на гласање во првиот круг од претседателските избори. Стево Пендаровски, кој беше предложен од опозицискиот СДСМ, освои 326.069 гласови, односно 37,57 проценти.

Претседателски избори: Иванов и Пендаровски во втор круг

Иванов и Пендаровски се пласираа за вториот круг од претседателските избори, што ќе биде одржан на 27 април, заедно со вонредните парламентарни избори.

Илијаз Халими од ДПА освои 38.965 гласови, или 4,49 насто, а за Зоран Поповски од ГРОМ се изјасниле 31.360 граѓани, односно 3,61 проценти од излезените гласачи.

Претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, на полноќната прес-конференција рече дека изборите поминаа мирно со регистриран еден единствен инцидент во Неготино каде што во попладневните часови од непознато лице е искршена гласачка кутија и гласањето е прекинато на тоа гласачко место.

„Гласањето помина без проблеми и во дијаспората, а сите гласачки места во Македонија беа отворени навреме“, посочи Рилкоски.

Претседателот на невладината Цивил, Џабир Дерала, вели дека кај нив најголем број на пријави од граѓаните пристигнале за избирачкиот список.

„Проблемите со избирачкиот список покажаа сериозни проблеми на терен, сериозни пореметувања, односно, преку различни видови нерегуларности се докажа дека избирачкиот список не функционира, не е докрај исчистен и дека во иднина е потребно многу посериозно приоѓање кон оваа нерегуларност која трае подолго време“, вели Дерала за Радио Слободна Европа.

Од Цивил забележале и други нерегуларности, како семејно и групно гласање, проблематично однесување на избирачките одбори, кршење на изборниот молк. Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, вели дека граѓаните најмногу се жалеле на мастилото кое лесно се отстранува. Граѓанската асоцијација МОСТ, пак, забележала поткуп на гласачи, лесно отстранување на гласачкото мастило, фотографирање на гласачкото ливче и двојни списоци.

Првичните резултати од гласањето Државната изборна комисија ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.

Вториот круг од изборите за шеф на државата ќе се одржи на 27 април. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови, под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.

Извор: Радио Слободна Европа