Реката Бошавица, која извира кај планината Кожуф и се влева во реката Вардар кај Демиркаписката клисура, има многу притоки со кои заедно ги снабдуваат околните села со вода за пиење и наводнување. Но, од неодамна граѓани реагираат дека изградената мала хидроелектрана на оваа река пресушува голем дел од речното корито и влијае на пристапот до вода на локалното население.
Меѓу оние кои реагираат е и Кире Ружин, кој често рекреативно планинари во овој регион, а неодамна реши на својот Фејсбук да сподели фотографии со кои алармира за лошата состојба на реката.
Оваа глетка ја потврдува и Мијалчо Петров од Демир Капија. Тој вели дека локалците добиле ветување од инвеститорот дека 70 отсто од текот на водата ќе биде присутен во реката, а дека само 30 отсто ќе се искористи. Покрај ова, им било кажано дека во летниот период браната нема да работи, туку само од октомври до април. Сепак, вели Петров, реалноста е дека малата хидроелектрана работи низ целата година.
Тој се потсетува кога пред четири години, локалците здружено успеале да сопрат изградба на хидроцентрала што требала да „никне“ кај нив.
Сега, загрижено вели тој, повторно има најава за изградба на нова хидроцентрала на самиот почеток на текот на река Дошница, поточно кај скијачкиот центар. Тоа, според Петров, е најубавиот дел од реката и стравува дека ќе се уништи живеалиштето на пастрмките.
Поради ова, тој заедно со уште неколку сограѓани деновиве ги разгледуваат опциите за нивен отпор на ваквите планови.
„Нема да отстапам и ќе пробам да делувам секаде каде може да има влијание“, одлучно вели тој за Радио МОФ.
„Треба сите да бидеме против овие хидроцентрали, бидејќи тоа е пропаст“, додава Петров.
Ваквите реакции стигнаа и до невладината „Еко-свест“, од каде потсетуваат на стратешката оценка за Стратегијата за води на Р. Македонија изработена во 2011 година, која уште од тогаш предупредува за ризиците од изградба на мали хидроелектрани во овој регион.
„Бројни регулации се изградени во спротивност со добрата практика (т.е. последната регулација на притоките на Вардар- Дошница и Бошавица во близината на Демир Капија) и предизвикуваат значителни негативни влијанија врз животната средина, како губење на врската помеѓу површинските и подземните води што се должи на губење на живеалиштата во каналот и значајни промени на ерозија и таложење на талог во околните канали како резултат на зацврстувањето на каналите, губење на заливните мочуришта и поврзаните биодиверзитети од изградбата на насипи, зголемување на влезови на фини седименти поради протоците или губење на вегетацијата на бреговите и слично“, стои во стратешката оценка, наведуваат од „Еко свест“.
Но, и покрај ова, во 2014 година токму на овие две реки биле одобрени две мали хидроелектрани како јавно-приватно партнерство.
„Како земја располагаме и со плодна почва, од која зависиме за безбедно снабување на населението со храна, лекција на која нè научи пандемијата. И покрај тоа, токму за време на вонредна состојба се носат судски одлуки во прилог на компанија која планира да изгради рудник над најплодната почва во нашата земја- Струмичко поле. Во комбинација со претхотните одлуки за кратење на средствата наменети за заштита на животната средина и природата, наликува дека нашата Влада не ја разбира суштината на пост-ковид обновата и „новата нормалност“ за која зборува во своите соопштенија“, реагираат од невладината.
Оттаму бараат од Владата да го стави на висок приоритет здравјето и безбедноста на граѓаните и животната средина и да го планира економскиот развој одржливо и во насока на ублажување и прилагодување кон климатските промени.
„Во пракса ова значи да се засили контролата и заштитат граѓаните од несовесното работење на индустријата, воедно, да се засилат мерките за економско опоравување условени од примена на мерки на одржливост, енергетска ефикасност, дигитализација и циркуларна економија. Само на овој начин можеме да ги постигнеме зацртаните цели- обнова на економијата и на животната средина“, истакнуваат од „Еко свест“.
Тие жалат што и покрај насоките од ЕУ за пост-ковид опоравувањето кое мора да се фокусира на зелен раст и развој и одржливо искористување на ресурсите со цел нивно зачувување и климатска акција, реалноста е сосема поинаква.
Радио МОФ побара став од Владата, но не добивме одговор до објавувањето на текстот.
Емилија Петреска