Во Македонскиот народен театар (МНТ) на малата сцена на 19 јули со почеток во 20:30 часот, во рамки на фестивалот „Скопско лето“ ќе се одигра премиерата на претставата „Лов на дива свиња“ од црногорската современа писателка Марија Сарап, а во режија на Наташа Поплавска.
„По потпишувањето на меморандумот за соработка, претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка ‘Арт Медиа’ од Скопје“, информираат од МНТ.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова-Славенска и Мина Јелушиќ-Јериниќ од Македонија, како и Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Премиерната изведба во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.