-Девет години сум по судови за имот што го наследив од мајка ми.
-Сметката за струја три пати поголема овој месец.
-Петнаесет години живеам со насилен сопруг.
Ова се дел од проблемите со кои се соочуваат секојдневно дел од граѓаните. Поради ова, Коалицијата Маргини и Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост – ЕСЕ започнаа кампања со цел да ги повикаат граѓаните да ги остварат своите права по институционален пат, но на тој начин што ќе побараат бесплатна правна помош.
Промотивните видео спотови во наредниот период ќе се емитуваат на Македонската радиотелевизија и едно национално радио, кои прикажуваат групи на луѓе секојдневно соочени со правни проблеми кои поради нивната слаба економска моќ, недовербата во институциите и системската дискриминација, многу ретко се решаваат да бараат заштита на своите права и остварување на правда.
Граѓаните ќе може да се информираат за Законот за бесплатна правна помош и за можностите за остварување на правото на примарна и секундарна правна помош.
„Кампањата има за цел да испрати порака дека државата може да осигура економски раст и развој, родова еднаквост и надминување на сиромаштијата само доколку се обезбеди пристапот до правдата и иницијативите за правно зајакнување како интегрален дел во постигнување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации“, стои во соопштението.