Преку дружба и неформално образование членовите на МОФ учеа за правото, дебатата и уметноста

Дебатни турнири, симулации на судења, разубавување на објекти и паркови и многу други акции беа само дел од активностите на кои учествуваа членовите од клубовите на Младинскиот образовен форум. Средношколците неделава ги добија своите сертификати за стекнатите знаења во текот на учебната 2018/19 година.

Овие клубови изминатава година реализираа предавања во повеќе градови ширум земјата.

Разговаравме со дел од членовите од клубовите на МОФ за нивните искуства стекнати на реализираните активности.

„Во дебатниот клуб на МОФ се приклучив во септември минатата година. Самото членство ми помогна многу, од разните нови пријателства кои ги стекнав па се до помош во јавните настапи и говори, губење на тремата, но и поголемо познавање на разни теми од разни области“, вели Петар Здравевски, ученик од средното училиште „Јосип Броз-Тито“.

За средношколците од клубот Медиа-арт, ова било начин како да ја пренесат креативноста која ја чувале во себе.

„Работевме на многу проекти, но можеби најубавиот за нас беше обновување и разубавување на стариот и уништен парк близу „Јавна Соба“, додаваат тие.

„Дружба, љубов и позитивност се работите кои ни ја исполни изминатава година. Тоа е она што го опишува овој клуб.“

За Марија Јанева од СУГС „Георги Димитров“, член на клубот по напредна дебата, учествата во сите настани на МОФ годинава биле едни од најубавите искуства за неа.

„Дружбата, сите познавања стекнати од неформално образование, турнирите на кои учествувавме и судевме беа одлично искуство и дефинитивно би препорачала на сите кои можат да се зачленат во овој клуб“, додава Марија.

Младинските клубови оваа година функционираа со поддршка од Фондацијата Отворено Општество – Македонија, НЕД и Проектот за младинско изразување финансиран од Европската Унија.

Георги Божиновски