Преку 1.о00 демонстранти биле приведени вчера во повеќе градови низ Белорусија, откако безбедносните сили насилно се обидуваа да разбијат десетина протести низ земјата, пренесе невладината организација за човекови права „Вјасна“.
Од организацијата посочуваат дека полицијата употребувала сила врз мирни демонстранти и дека десетици луѓе биле повредени. Според нив, најмалку едно лице било рането од гумен куршум.
Протестите во Минск беа 13-ти последователен викенд како граѓаните на Белорусија се собираат по изборите на 9-ти април, за кои сметаат дека претседателот Александар Лукашенко нелегитимно прогласи победа покрај масовни изборни нерегуралности.
Илјадници граѓани вчера се обидуваа да стигнат до центарот на Минск од неколку различни правци, но властите ги блокираа приодите до плоштадот со оклопни возила, додека полициските единици користеле пендреци за да ги спречат демонстрантите да се групираат на одредени локации.
Од Белоруската асоцијација на новинари соопштија дека најмалку девет новинари биле уапсени.
Лукашенко, кој ја придушуваше опозицијата и независните медиуми од неговото доаѓање на власт во 1994 година, одбива било каков дијалог со противниците, обвинувајќи го Западот за незадоволството и немирите во земјата.
Неговиот противкандидат на изборите, Светлана Тихановскаја, која пребегна во Литванија по изборите во земјата, викендов побара помош од новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, во обидот да се изврши притисок врз Лукашенко.
Таа истовремено порача до демонстрантите да продолжат со искажувањето на револтот.
„Застанавме против неправдата и насилството веќе 90 дена. Во овие 90 дена Белорусите успеаја да му покажат на режимот дека тие го имаат изгубено легитимитетот и авторитетот“, рече Тихановскаја.