Предизвик за креирање на веб-портал за Отворени општини

Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) од Скопје во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, организира 4 дневен Предизвик за креирање на веб-портал за Отворени општини. 

На Повикот може да се пријават ИТ компании или ИТ тимови. Краен производ на Предизвикот треба да биде креативно, интерактивно решение кое ќе треба да овозможи вклученост на граѓаните од аспект на 4-те принципи на локална демократија: еднаквост, вклученост, транспарентност и отчетност. 

Предизвикот ќе се одржи од 14-17 декември 2020, а пријавувањето трае до 10 декември 2020. Победникот на Предизвикот ќе добие награда од 500.000 денари.

Учесниците на Предизвикот ќе треба да изработат демо иновативни софтверски и мултимедијални решенија. Краен производ на Предизвикот, треба да биде креативно, интерактивно решение каде што визуелно ќе се изразат:

  1. Учеството на граѓаните во процесот на буџетското планирање и трошење на локалната самоуправа;
  2. Корисноста на оваа платформа за општинската администрација за овозможување поголема и видлива вклученост на граѓаните во процесот на структурно и системско планирање и зголемена отчетност при спроведување на буџетот;
  3. Индексот на транспарентноста, отчетноста, праведноста и вклученоста на локалната самоуправа;
  4. Информирањето, вклучувањето и следењето на работата на општините преку едноставен и иновативен начин, односно побрз и полесен пристап до јавните услуги за граѓаните и сите релевантни чинители;
  5. Поврзување на јавно достапни податоци од страна на јавни институции или други бази.

„Со оглед на постоечката ситуација во општините во овие области, како и огромните разлики во постоечките услови (кај различни општини), веруваме дека решението ќе направи огромни промени. Со овие системи, граѓаните ќе имаат поедноставен пристап до општините, трошењето, носењето одлуки и квалитетот на истите. Ги повикуваме ИТ компаниите да се пријават, да ни помогнат да направиме промена, а јавноста да ја следи таа промена“, велат од ЗМАИ.

Целосниот повик може да го најдете на следниов ЛИНК. Пријавените учесници ќе имаат можност да се запознаат со деталите и концептот на Предизвикот за време на инфо сесија која ќе се одржи на 4-ти декември.