Предизвик за иновативно решение за обезбедување #ОброкЗаСите

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски денес го презентираа Јавниот повик за финансирање на проекти за социјално претприемништво „Предизвик за иновативно решение за обезбедување на #ОброкЗаСите“.

Целта на предизвикот е да поттикне создавање на иновативни решенија за обезбедување на #ОброкЗаСите ранливи категории на лица и развивање на социјалното претприемништво во Македонија.

„Во Република Македонија над 20% од населението е погодено од сиромаштија, а околу 450.000 лица живеат под прагот на сиромаштија. Според податоците од Државниот завод за статистика најмногу се погодени луѓето со низок степен на образование, старите лица, лицата со посебни потреби, раселените лица, домаќинства со самохрани родители и ромската популација. Особено алармантен е фактот дека во последниве години континуирано највисока стапка на сиромаштија е забележана кај деца на возраст од 0-17 години и тоа со околу 29%“, соопштија од Фондот за иновации.

Според податоците од Министерството за труд и социјална политика на територијата на Република Македонија се отворени  50 народни кујни во кои се опфатени околу 4.000 лица.

За оваа цел, Министерството за труд и социјална политика годишно алоцира околу 100 милиони денари средства од Буџетот на РМ, но заради ограничените ресурси, над 90% од лицата со потреба од поддршка дефинирани како ранливи категории во Законот за социјална заштита не се опфатени со оваа помош. Дополнителен проблем во отворањето на народни кујни е вклучувањето на локалните власти во процесот кои треба да обезбедат простории или пунктови за подигање на храна во урбани/рурални средини и транспорт на истата до крајните корисници  поради што овој модел за обезбедување на  оброк  не е соодветен за  различните  категории на потенцијалните корисници. Потребно е да се развијат соодветни модели согласно потребите на корисникот.

„Елиминацијата на апсолутната сиромаштија е еден од главните приоритети на ООН. Првата цел на Милениумската кампања на ООН е искоренување на екстремната сиромаштија и гладта во светот до 2030 година. Владата на Република Македонија ги поддржува овие цели“, велат од Фондот.