Планетата Марс претставува фокус за огромен број на научни истражувања. Роботските мисии веќе со декади пренесуваат бесценети податоци од Црвената Планета. Со напредокот на технологијата и растечките ризици на Земјата, концептот за вселенска колонизација се повеќе добива на значење. Идејата за мултипланетарна цивилизација повеќе не е резервирана само за научната фантастика и сè повеќе е во фокус на научните истражувања.
Токму поради тоа, овој четврток Скопското астрономско друштво организира предавање на тема„Колонизација на Марс“, на кое ќе се разгледуваат предизвиците кои произлегуваат од оваа апсурдна идеја, како и досегашните решенија на дел од нив од страна на големите умови на денешницата.
Предавањето ќе се одржи во амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Влезот е 100 денари.
За членовите на Скопско Астрономско Друштво и за студентите од ФЕИТ, Машински факултет и ФИНКИ – Скопје влезот ќе чини 50 денари (при тоа посетителот треба да покаже членска карта или индекс).