Прашањата за екстерното за матуранти објавени на Интернет

Министерството за образование и наука на Република Македонија информира дека прашањата коишто ќе бидат дел од тестовите при процесот на екстерно тестирање за учениците од завршните години во средното образование, се објавени на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk.

Објавени се 50 400  прашања, за гимназиско и стручно образование за сите струки, насоки и предмети, а се достапни на македонски, албански и турски јазик. За секој предмет се генерирани прашања во зависност од неговата застапеност во наставниот план, односно бројот на часови. За предмет застапен со 1 час неделно, генерирани се 50 прашања, за предмет со 2 часа неделно генерирани се 100 прашања, за предмет застапен со 3 часа неделно генерирани се 150 прашања.

Секој ученик преку менито на интернет страница prasanjaeksterno.dic.edu.mk, може да ги види прашањата по предметите коишто го засегаат.

Од МОН информираат дека е отворена можноста на секое прашање доколку некој од учениците или било кој граѓанин забележи извесна грешка од техничка или друга природа, која е возможно да постои имајќи ја во предвид количината на прашањата, да пријави со само еден клик на апликацијата поставена веднаш до секое прашање.

За други прашања или сугестии коишто не се поврзани со содржината, односно со технички корекции на прашања, може да се испрати мејл на адресата eksternocontact@dic.edu.mk, на што операторите од Државниот испитен центар ќе одговорат во најкраток можен рок. Оваа можност ќе биде достапна до 6 јануари 2015 година, по што, откако ќе бидат вметнати сите издржани забелешки, повторно ќе биде креирана и објавена финалната база на прашања.

Вкупно 20.567 ученици од завршните години (трета и четврта година) во 98 средни училишта ќе полагаат од 26 до 30 јануари, додека 3 дена претходно секој ученик ќе биде известен по кои 2 предмети ќе биде тестиран. Резултатите ќе бидат објавени на 2.2.2015 година.

Дополнително, процесот на екстерното тестирање во оваа фаза ќе опфати и 3.923 наставници по 2.622 предмети.