Пожарникар кој прв стигнал во запалената дискотека „Пулс“ откри детали за глетката и интервенцијата

На денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведоци од противпожарната служба изнесоа детали за интервенцијата во ноќта на кобниот настан.

Противпожарниот тим ја примил дојавата за пожар во 2.35 часот, а пожарот бил целосно изгаснат околу 4 часот наутро. Пожарникарот Благој Паунов, кој со уште еден колега пристигнал со првото противпожарно возило, сведочеше дека на местото на настанот пристигнале пет минути по дојавата.

Според неговата изјава, при пристигнувањето имало многу заглавени лица, додека над влезната врата се забележувал само мал чад, без јасно видлив оган. Поради тоа, како што рече, веднаш започнале со извлекување на лицата, постапувајќи согласно пропишаните процедури.

Паунов нагласи дека спасувачката акција се одвивала во мешани тимови составени од пожарникари, полиција, обезбедување и цивили. „Секој сам не можеше да направи ништо. За извлекување на едно лице беа потребни најмалку двајца или тројца“, сведочеше тој.

Командирот на Противпожарната единица Кочани, Драган Апостолов, изјави дека во моментот на настанот бил дома кога во 2.47 часот добил телефонски повик за пожарот. Веднаш ги известил командирите на смена и побарал помош од противпожарните единици во Виница, Штип, Свети Николе и Пробиштип.

Судењето продолжува со сослушување на нови сведоци и разгледување на околностите под кои настанал пожарот.

Извор: МИА / Фото извор: Wikipedia