Повторно паднаа повеќе портали

Повторно се недостапни портали како Плусинфо, НоваТВ, СакамДаКажам, МКД, Либертас, Фокус, како и електронските верзии на весниците Вечер, Утрински весник, Дневник.

„Повторно се соочуваме со пречки за пристап кон нашиот веб сајт. Недостапни се и другите веб портали кои беа цел на напад минатата сабота“, пишаа пред малку од СакамДаКажам.

Откако минатата недела не беа во функција истите портали и сајтови, провајдерот УНЕТ соопшти дека порталите паднале поради „генерирање на огромен сообраќај од повеќе локации низ светот“.

„Со зголемувањето на сообраќајот што доаѓал од повеќе сервери и локации надвор од државата била отежната работата на главните телекомуникациски линкови, а со тоа била намалена функционалноста на сервисите на системот“, информираа тогаш од УНЕТ, потенцирајќи дека за причините што го предизвикале овој проблем се известени сите релевантни субјекти и сите нивни корисници.

Засега не се знае дали се работи за истата причина за падот на порталите, или нешто друго.