Повисок просек од лани на државната матура, фатени 172 препишувачи, изјави Јаневска

Со просек повисок од ланскиот, матурантите го завршија полагањето на државната матура во јунскиот рок во учебната 2024-2025 година. Голем дел од учениците испитите ги полагаа во амфитеатри и предавални во најблиските факултетите и, според Министерството за образование и наука, не биле евидентирани масовни прекршувања на правилата како во минатото.

„За полагање се пријавија 15.004 матуранти, а 3% од нив не се појавија на испит. Просечната оценка која ја постигнаа оние што полагаа е 3,69, што е значително подобрување од ланската, која изнесуваше 3,26. По сите предмети имаме подобрување на постигнувањата и тоа сметам дека е плод на добрата подготовка на учениците и препораките кои ги дадовме до сите чинители на процесот“, потенцираше министерката за образование Весна Јаневска.

Според министерката, не биле евидентирани препишувања како во изминатите години кога, рече Јаневска, цели групи по илјада, две илјади ученици, организирани најчесто преку апликации за комуницирање и со користење на мобилни уреди, имале до збор идентични одговори.

„Годинава 172 ученици се обидоа да се надмудруваат со системот, ризикуваа и си го одложија завршувањето на средното образование. Следното полагање започнува во вторник на 12 август“, информираше Јаневска.

Фото: МОН

Директорката на Државниот испитен центар, Михајловска информираше дека по однос на резултатите биле поднесени 507 приговори, а 75 ученици извршиле увид во тестовите.

Просечниот успех по мајчин јазик е 3,68, за разлика од лани кога изнесуваше 3,37. Просечната оценка по англиски јазик е зголемена од 3,06 на 3,65. Постигањата по математика изнесуваат 4,14 и се подобри од ланските 3,73. Учениците кои полагаа француски јазик остварија просечна оценка од 4,67, повисока од ланската 4,47. По германски јазик просечната оценка е 4,42, за разлика од јуни 2024 година кога изнесуваше 4,33. По естетика просекот е 4,93 и е повисок од ланскиот 4,63. Учениците по филозофија постигнаа просечна оценка 3,71.

Јаневска и Михајловска им честитаа на матурантите кои успешно го завршија полагањето и стекнуваат диплома за продолжување во високо образование или за вклучување на пазарот на трудот.

Останатите имаат можност да полагаат мајчин јазик на 12 август и странски јазик, математика, естетика и филозофија на 14 август. Полагањето на интерните испити е од 15 до 20 август, а проектната задача треба да ја одбранат во периодот од 19 до 26 август.