Повик за учесници на тренинг за права на студенти

Младински образовен форум објавува повик за предавања наменети за запознавање на студентите со нивните права и слободи како и со механизмите на заштита во случај на повреда на овие права.

Повик за учесници на тренинг за права на студенти

Предавањата ќе се одржат во периодот од 24 до 26 април во просториите на Универзитетската библиотека во Скопје.

Во текот на тридневниот тренинг учесниците ќе имаат можност да се запознаат со работата на институциите кои ги штитат правата на студентите, како и со институционални механизми за заштита на правата и интересите на студентите. Воедно, ќе се зборува и за досегашната пракса и активност на студентите кога им се нарушени нивните права во Македонија. Студентите ќе се запознаат и со структурата на студентските претставнички тела.

Студентите учесници ќе слушаат предавања од претставници на:

– Државниот просветен инспекторат
– Државната комисија за заштита од дискриминација
– Државната комисија за спречување корупција
– Поранешниот студентски правобранител Никола Главинче
– Младински образовен форум, организација која има долгогодишно искуство во областа на истражувањето и креирањето на студентски политики.

На крајот од тренингот учесниците ќе имаат можност да слушнат и предавање за организирање на настани, како и презентација на интернет алатки кои може да се користат во борбата за подобро високо образование. По завршувањето на тренинзите, учесниците имаат прилика да организираат настани заедно со МОФ, преку кои ќе се промовираат правата на студентите во Македонија.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следниве услови:

– да се студенти на еден од факултетите на УКИМ
– да имаат интерес за подобрување на состојбата на студентите во Р.Македонија
– да имаат креативни идеи за спроведување на кампањи за промовирање на права на студенти

Тренинзите ќе се одржуваат во работни денови во попладневните часови, а за време на викендот се предвидени целодневни сесии.

Сите заинтересирани студенти може да се пријават најдоцна до среда, 23 април во 12 часот, со испраќање на СV и мотивациско писмо на е-маил адресата policy@mof.org.mk. Бројот на местата е ограничен.
Примените кандидати ќе бидат известени во четврток, 24 април.

Тренингот ќе се одржи на македонски јазик.