Повик за млади за учество во кампања за ментално здравје

Под слоганот „Како си? Навистина!“, УНИЦЕФ и партнерите подготвуваат кампања за да се прекине молкот околу менталното здравје и психолошките состојби со тоа што отворено ќе се зборува за нив.

„Во текот на животот децата и младите, како и возрасните, доживуваат различни нивоа на стрес, анксиозност, страв. Но, на младите понекогаш им е тешко да се отворат и да зборуваат за чувствата што ги доживуваат. Првиот чекор за да ја добиете помошта што можеби ви е потребна е да започнете разговор“, стои во повикот.

Организаторите повикуваат адолесценти на возраст од 16 до 19 години заедно со УНИЦЕФ и партнерите да креираат и да учествуваат во видеа.

„Во нив ќе може да споделите лични приказни за чувствата што сте ги доживеале за време на некои тешки искуства и дали сте се обратиле до други кога ви била потребна поддршка вам или на вашите блиски. Кампањата ќе се одвива на социјалните медиуми и вашата отвореност да споделите лични искуства ќе придонесе да се прекине молкот околу чувствата на осаменост, загриженост, анксиозност, страв, тага, безнадежност и други. Со оглед на тоа што кампањата има за цел да даде поддршка на децата и младите, вашата приказна не мора да биде поврзана со нешто што се случува денес, туку со искуство од минатото за кое можете да зборувате јавно“, стои во повикот.