Повик за 50 млади волонтери во граѓански организации од Скопје и Битола

Повик за 50 млади волонтери во граѓански организации од Скопје и БитолаМладински образовен форум (МОФ) и Младински културен центар – Битола ги повикуваат сите млади на возраст од 18 до 35 години, од Скопје и Битола, да аплицираат за волонтерска позиција во граѓанска организација.

МОФ и МКЦ – Битола ќе овозможат полесно поврзување на селектираните волонтери со граѓански организации од Скопје и Битола. 50 волонтери ќе бидат распределени во 15 организации од овие градови и ќе добијат можност да стекнат поголемо искуство и вештини, да помагаат на заедниците, да ја збогатат својата биографија и да се активираат општествено. Областите кои ги покриваат овие организации се здравствена заштита, заштита на животната средина, култура и уметност, развој на граѓанско општество, млади и образование, работа со деца и возрасни, компјутери и информатичка технологија.

Освен ангажманот во матичната организација, волонтерите кои сакаат да го прошират своето искуство ќе имаат можност да организираат заедничка акција која тие самите ќе ја осмислат и реализираат.

Ангажманот за селектираните волонтери е со времетраење од 1 до 3 месеци, 10 до 30 часа неделно, започнувајќи од 1-ви октомври 2013 година. Организаторите на оваа волонтерска кампања ќе го олеснат изборот на организација, според квалификациите и интересите на волонтерите.

На овој повик претходеше повик за организации од Битола и Скопје кои се заинтересирани да обезбедат ангажман за волонтери во период од максимум три месеци. Организациите ќе понудат пријатна атмосфера за работа, поддршка и менторство, но немаат обврска да обезбедат паричен надоместок за волонтерите. Листа од 15 граѓански организации од Скопје и Битола кои ќе обезбедат ангажман за 50 волонтери можете да ја најдете на овие линкови -за Скопје и за Битола.

Сите заинтересирани на возраст од 18 до 35 години од Скопје и Битола кои сакаат да се пријават за волонтирање во граѓанска организација, треба да пополнат апликација и да ја испратат на  sanja_stefanovik@mof.org.mk. Апликацијата можете да ја преземете тука.  

Крајниот рок за пријавување е 10.09.2013, а повеќе информации може да се добијат на бројот 02 3139 692 (лок. 103).

Волонтирањето во граѓанскиот сектор е во рамките на кампањата за промоција на волонтерството организирана преку Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.