Потребна е Национална стратегија за контрола на ракот

Пандемијата со КОВИД-19 го наруши нормалниот тек на третманот на рак, со тоа што доцни посочувањето на дијагнозата, следењето на третманот, а се стопираа и програмите за скрининг. Од друга страна, здравствените работници се под екстремен стрес, зголемен обемна работа и отежнати услови во кои работат.

Ова денеска го посочија членовите на Здружението „Борка – за секој нов ден“, но и самиот министер за здравство Беким Сали на прес-конференција по повод 4 февруари, Светскиот ден за борба против ракот.

Според Биба Додева, претседателка на „Борка“, неопходно е создавање на Национална стратегија за контрола на ракот како системско решение, која би се фокусирала меѓудругото на донесување на програми за скрининг, промена на позитивната листа на лекови, но и набавка на нови лекарства, како и подобрување на клиничките испитувања.

„Спасувајќи го животот на пациентите, спасуваме цела фамилија. Го знам тоа од свое лично искуство. Знаеме што значи да имаме достапност до терапиите, која не секогаш е достапна за секој од нас и токму тоа е главната порака која би требало да целиме во оваа година – имплементирање на сериозна стратегија која точно овие работи кои во моментов Македонија ги има како ресурси треба да ги искористиме во позитивна смисла и заедно со експертите да се направи национален план за како понатаму“, истакна Додева.

Таа забележува дека програмите за лекување се со огромен застој, а тоа според неа, особено се покажа за време на пандемијата.

Министерот Сали, пак, посочи дека пред четири години, во Северна Македонија се воведоа 30 биолошки и имунолошки терапии, односно нови лекови кои се набавуваат од посебен буџет. Но, како што појасни, тие сè уште не се ставени на позитивната листа, а нивната достапност е неопходна за пациенти со малигни болести. Министерот посочи дека тие треба да станат дел од новата позитивна листа.

Покрај ова, како министерство најави дека ќе се залагаат за намалување на времето на чекање за прегледи и воведување дополнителни термини за мамографија и ехо на дојка, како и олеснување на пристапот до дијагностика и здравствените услуги потребни за следење на болеста, но и систематско решение за пристап до нова иновативна терапија.

„Јавните буџети за лекови и медицинската опрема се засегнати заради високата цена на лекувањето и достапноста на терапиите со кои може да се спасат или да им го продолжат животот на пациентите. Затоа инвестициите во превенција на ракот, раното откривање и контролата на ракот преку организирани програми и скрининзи е од клучно значење да се помогне и спаси животот“, потврди Сали.

Некои од најчестите видови рак, како што е ракот на дојката, ракот на грлото на матката, меланомот, колоректалниот рак и ракот на простата, може да се откријат рано, посочи министерот.

„Тоа е важно да се знае, бидејќи раното откривање на ракот речиси секогаш овозможува тој полесно да се третира, или дури да се излекува. Тоа значи подобрени шанси за преживување и квалитетен живот на луѓето дијагностицирани со рак“, истакна тој.

Кај жените, на пример, ракот на дојката е најчесто дијагностициран рак и водечка причина за смрт од рак ширум светот. Бројката, како што посочи Сали, се очекува да порасне на 30 милиони случаи годишно до 2040-та година.

Дотогаш, Додева се надева дека ќе се надмине стигмата и негативниот став кон оваа болест.

„Среќни сме што се повеќе луѓето излегуваат од своите домови, зборуваат гласно за проблемите, се вклучуваат“, вели таа.

Го победиле ракот, а сега нудат поддршка за тие што ја водат битката

Во септември, 2007 година, младиот Бојан Ристовски и неговото семејство ја добиле веста дека боледува од Не-Хочкинов лимфом, односно малигно заболување на лимфните жлезди што може да се појави кај вратот, под пазуви и на препоните. Тој престојувал на Одделот за онкологија при Клиниката за детски болести во Скопје каде што примал терапија девет месеци.

Денеска има 26 години, битката со ракот е зад него,но се потсетува дека тој процес не бил ниту лесен, ниту тежок.

„Најважна е позитивната енергија“, вели тој, среќен што покрај него ги имал своите блиски да го бодрат.

„Единствениот и најважен совет што може да го дадам е тоа да се биде позитивен. Да, треба да се искажат емоциите, да кажеш дека ти е тешко и да се исплачеш ако треба. Но, секогаш да знаеш дека ова ќе биде крај. Дека еден ден ќе бидеш жив и здрав и да правиш дури и повеќе работи од обичниот човек што не го поминува тоа моментално“, охрабрува Ристовски.

Во 2014 година, тој се вратил на Клиниката за детски болести, но овој пат не за да прими терапија или да оди на контрола, туку се вклучува како волонтер во Здружението САНО како поддршка за децата и нивните семејства кои ги водат своите битки со ракот. Волонтерите овде се претежно лица кои преживеале одреден вид рак.

„Тогаш сите деца и родители ме гледаа со таква надеж што буквално ми го исполни срцето и сите велеа ‘Господ здравје да ви даде’. Ако се живееше од ‘Господ здравје да ви даде’ ќе живеевме милијарда години, а ние тоа го правиме бидејќи знаеме како е, сме го поминале“, вели тој.

САНО нуди и простор во кој родителите чии деца примаат терапија може да престојуваат бесплатно.

Во моментов, на Одделот за онкологија при Клиниката за детски болести престојуваат околу 20 деца, а на годишно ниво има околу 40 пациенти, вели Теодора Трајковска, која исто така е волонтерка во САНО.

„Желбата да им помогнам, да бидам со тие деца, e тргнувајќи од тоа дека јас сум го поминала целиот тој процес на лекување и знам колку е тешко да бидеш осамен, бидејќи во тој период немавме волонтери од овој тип кои доаѓаа и посетуваа. Друго е чувството кога некој од надвор ќе дојде и ќе ти обрати внимание, кога ќе размениш некој збор со него или кога ќе цртате заедно, кога ќе боите, ќе пеете“, вели Трајковска одговарајќи на прашањето зошто се приклучила како волонтер во САНО.

САНО во моментов работи на две кампањи по повод 15 февруари кога е Светскиот ден на децата заболени од рак. Организираат конкурси за цртање и пишување есеи наменети за учениците од основно и средно образование, а планираат и да им отпеат под прозори на децата во Детската клиника.

„За помалите пациенти психолошкиот момент е важен. Да знаат дека некој е покрај нив додека тие го пребродуваат лекувањето. Исто така и за родителите, да бидеш тука, да им помогнеш со збор, нешто да им се однесе, бидејќи нивните семејства не можат да бидат со нив секој миг“, вели таа.

Од Здружението „Борка“, порачуваат дека здравјето нема цена, туку е инвестиција. Затоа според нив треба да се промени наративот бидејќи како што посочуваат основно право на секој човек е здравјето.

„Да поттикнеме креирање на нови подобри услови за третман и терапија на нашите граѓани, да ги охрабриме и поддржиме сите во нивната борба со ракот. Само со стратешки пристап и со национален консензус можат да се менуваат статистиките“, порачуваат од здружението.

Емилија Петреска