Постерот на Скопскиот филмски фестивал освои меѓународна награда

Постерот за овогодинешното издание на Скопскиот филмски фестивал, дело на уметникот Ване Костуранов освои Сребрена награда на доделувањето на најдобри филмски плакати кое го организира веб-страницата www.filmfestivalposters.com. Тој е во друштво со фестивалот во Карлови Вари и со уште три други фестивали. Златното признание го доби постерот на Канскиот филмски фестивал, додека специјалното признание на жирито го доби постерот за 85-годишнината на доделувањето на наградите „Оскар“. Третото место и бронзеното признание го делат вкупно 10 светски филмски фестивали.

Постерот на Скопскиот филмски фестивал освои меѓународна награда

Авторот на наградениот плакат Костуранов вели дека имал целосна слобода во изразувањето и обликувањето на идејното решение.

„Верувам дека не постои дизајнер што не би прифатил ваква понуда како голем предизвик, се разбира, имајќи го во предвид значењето и квалитетот на самиот фестивал. Оттаму се охрабрив и за ваков изглед на плакатот, сакајќи да пренесам дел од мојата естетика и сензабилитет“, изјави Костуранов.

Според авторот, генералната порака на овој плакат била за момент луѓето да се ослободат од секојдневието и преку филмската уметност да дозволат имагинацијата да ги спои со ѕвездите.