Последната болница во северна Газа евакуирана по израелска наредба

Последната болница што обезбедува здравствени услуги во северна Газа е надвор од употреба откако израелската војска нареди нејзина итна евакуација, изјави директорот на објектот, пренесува Би-Би-Си.

Доктор Мохамед Салха изјави дека пациентите биле евакуирани од болницата Ал-Авда во Џабалија вчера вечерта по „две недели опсада“ и дека сега „немало здравствен објект што работи на север“.

Израелските одбранбени сили сè уште не одговориле на барањата за коментар.

Ова доаѓа во време кога продолжуваат напорите за обезбедување прекин на огнот. Хамас вели дека „темелно го разгледува“ американскиот план, за кој Белата куќа соопшти дека е „потпишан“ од Израел.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека верува оти е „многу блиску до договор“. Но, Хамас рече дека планот не ги задоволува неговите основни барања, вклучително и посветеноста на Израел за завршување на војната.

Договорот наводно би вклучувал 60-дневна пауза во борбите, при што Хамас ќе ослободи 28 заложници – живи и мртви – во првата недела, а преостанатите 30 заложници ќе бидат ослободени откако ќе се воспостави траен прекин на огнот. Повеќе од 1.000 палестински затвореници ќе бидат ослободени, додека хуманитарна помош ќе биде испратена во Газа преку Обединетите нации и други агенции.

Израел ја продолжи својата воена операција на територијата – најмалку 72 лица беа убиени во напади во текот на изминатите 24 часа, соопшти денеска Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас.