Последиците од пожарот во 2024: Летните пожари за шестпати го зголемија аерозагадувањето во Штип

Пожарот што минатата година ја зафати планината Серта, која е природна граница меѓу централна Македонија, односно Тиквешијата, со источна и југоисточна Македонија, изгоре површина како за 10.215 фудбалски игралишта. Во 2024 година, 22,7 проценти од вкупното население во штипскиот регион имале проблеми со горно респираторни болести, се вели во групната сторија на Здружението на новинари на Македонија.

Површина како за 10.215 фудбалски игралишта проголта пожарот што минатата година ја зафати планината Серта, која е природна граница меѓу централна Македонија, односно Тиквешијата, со источна и југоисточна Македонија. Овие пожари, за само еден месец пеплосаа 71.000 кубни метри дрвна маса, покажуваат официјалните податоци на ЈП „Национални шуми“. Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, кој во јули лани беше постојано на терен со вработените, рече дека огнената стихија направила огромна штета, која се проценува на над 500 милиони денари.

Пожарите влијаат врз климатските промени

„Овие бројки се фрапантни, но штетата во однос на екологијата е многу поголема. Целата планина Серта ни отиде и од двете страни. Од штипска страна биевме битка за да ги спасиме Селце и Драгоево. Вкупно, на Серта беа зафатени повеќе од 7.300 хектари. Овде се вклучува и полигонот на АРМ. Со оглед на тоа што годишниот план на подружницата е 6.000 кубни метри, слободно може да кажеме дека во изминатата година, на Серта од штипска страна, буквално изгореа петгодишни етапи за Штип“, изјави Кире Михаилов, заменик-директор на  ЈП „Национални шуми“.

Војо Соколовски, претседател на Здружението на приватни шуми, вели дека по пожарите што се случија во изминативе четири години, колабирале цели екосистеми. Она што со сигурност може да го тврди е дека е направена голема девастација на природата, бидејќи не само што е изгорена шумата, туку е и влијанието врз воздухот, почвата и водите.

„Пожарите влијаат врз климатските промени и имаме двојна штета, од една страна ја губиме вегетацијата, ја губиме лисната маса, која учествува во процесот на фотосинтеза, а од друга страна, пак, во процесот на согорување се емитува јаглерод диоксид, што секако влијае негативно врз климата и врз она што во некои глобални размери можеме да го утврдиме дека пожарите, во голема мера, придонесуваат за климатските промени и оти таа енормна емисија на јаглерод диоксид сигурно негативно влијае во однос на климатските промени, вели Соколовски.

Загадување на воздухот шестпати поголемо од дозволеното

Пожарот на планината Серта, кој се доближи на три километри од селото Селце на 18 јули, беше причина штипјани за првпат да ги затворат прозорците на своите домови и по препорака на Кризниот штаб на Општина Штип да не излегуваат од своите домови. Силниот ветер од јужен правец, кој го распламтуваше огнот, чадот го носеше директно во урбаното подрачје на градот Штип. Во попладневните часови и доцна во ноќта, Градот под Исарот беше обвиткан со густ чад, саги од изгорените дрвја и трева летаа насекаде, се чувствуваше и неподнослива реа. Сево ова јасно го отчитуваше мерната станица на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, лоцирана во центарот на градот. Штип, за првпат во текот на летниот период, имаше енормно загаден воздух. Според универзитетскиот професор Дејан Мираковски, ваквото загадување е нетипично. Потенцира дека е добро што веднаш е реагирано од страна на кризниот штаб и имаше препораки за граѓаните да не излегуваат од своите домови и да не ги отвораат прозорците.

„Вечерта, на 18 кон 19 јули 2024 година доаѓа до загадување од 300 микрограми на кубен метар. Загадувањето на воздухот беше за шестпати поголемо од дозволеното и тоа се многу лоши честички, бидејќи горело во лоши услови. Може да има отпадни материи, зелена маса и целото тоа е смеса на честички, кои се најштетни од согорувањето и ова е поштетно и од горењето на дрвата во зимскиот период, бидејќи во зима дрвата во печките горат во затворена површина, а ова е лошо согорување бидејќи гори сѐ. Во текот на денот, на 18 јули, мерната станица покажувала два-три микрограми, но во 18 часот облакот од Серта се спушта во Штип и мерната станица покажува 294 микрограми на кубен метар. Ова загадување траеше цела вечер и продолжи и во следниот ден“, вели Дејан Мираковски, експерт во сферата на аерозагадувањето и ректор на УГД Штип.

Графикон – лабораторија АМБИКОН-УГД- Штип

Истиот месец, на 30 и на 31 јули, воздухот во Штип беше повторно загаден. Овојпат црниот облак беше од пожарот во светиниколското село Немањици, кој се прошири во правец на селото Ерџелија,  го зафати штипскиот регион и заврши кај селото Крупиште, простирајќи се на територија на четири општини, Штип, Свети Николе, Пробиштип и Карбинци.

„Мерните инструменти покажуваа загадување на воздухот на 30 и на 31 јули, 2024 година. Двата дена се регистрирани по 78, односно 74 микрограми на кубен метар. Исто така, во деновите пред и по шумскиот пожар на планината Серта, концентрацијата на ПМ честички во воздухот се приближува до границата на дозволеното“, изјави Бобан Самарџиски од лабораторијата АМБИКОН при УГД-Штип.

Пожар во селото Немањици, Светиниколско (фото: Александра Ристевска)

Штип е град познат по постојаното струење на воздухот, односно по ветровите, но, сепак, во последните пет години, резултатите од мерната станица, која е поставена на зградата на Општина Штип во централниот дел на градот, регистрираше аерозагадување во просек 10 дена повеќе од дозволените 35 дена во годината.

„И годинава, со сигурност, може да се каже дека ќе имаме надминување, зашто заклучно со почетокот на јуни веќе има 27 дена со загаден воздух над дозволеното, а до крајот на годината, посебно во ноември и во декември, кога почнува грејната сезона, емпириските сознанија говорат дека ќе има барем уште најмалку 15 до 20 дена со пречекорување на дозволените 50 микрограми на кубен метар“, додава Бобан Самарџиски, од лабораторијата АМБИКОН при УГД-Штип.

На штипска Пулмологија, бројот на заболени зголемен двојно

Аерозагадувањето предизвика здравствени последици на жителите на општината. Според податоците од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Штип, во 2024 година имало 10.188 пациенти на возраст од 25 до над 64-годишна возраст што имале акутен фарингит и тонзилит, ларингит или други горно респираторни зарази. Податоците покажуваат дека најголем дел од пациентите се жени, а дополнително, ЦЈЗ регистрира 5.857 деца на возраст до 6 години. Тоа покажува дека во 2024 година имаат регистрирано вкупно 16.045 пациенти.

Билјана Цекова од Центарот за јавно здравје – Штип вели дека за болестите на дишните патишта и белодробните заболување влијание има и загадениот воздух.

„Студиите покажуваат асоцијација директно меѓу изложеноста на загадениот воздух и когнитивните резултати, вклучувајќи намален вербален и невербален коефициент на интелигенција, просечни оценки кај училишните деца, невролошки однесувања, како и анксиозност и депресија. Зголемениот број ПМ 2,5 честички во воздухот влијае кај возрасните со што го зголемува бројот на хронични болести, но и смртни случаи од болести на срцето, мозочен удар и рак на белите дробови“, вели Цекова.

Пулмологот од Клиничка болница – Штип, Светлана Тофловска објаснува дека бројот на пациентите што побарале помош во пулмолошката амбуланта во Клиничка болница – Штип во 2024 година, споредбено со 2023 година, е двојно зголемен.

„Пациентите се жалат на кашлица, потреба за воздух, печење на очите и носот, како и замор. Исто така, се зголеми бројот на пациенти со пневмонии, како вирусни, така и бактериски. Со аерозагадувањето, на глобално ниво се наруши микробиомот кај пациентите и се измени текот на хроничните заболувања, односно лекувањето трае подолго и е поагресивно“, вели доктор Светлана Тофловска, пулмолог во КБ Штип.

Пулмологот Тофловска појаснува дека при аерозагадувањето се вдишуваат ПМ 10 честички, јаглерод диоксид, цијанидни гасови, чад, органски соединенија и сите прават иритација на слузницата на очите, носот и на целото дишно стебло.

Со децении ќе се обновува екосистемот на Серта

Ќе бидат потребни години за повторно да се врати сјајот на она што го пеплоса огнот. Пожарите колабираа цели екосистеми и девастираа децениски шуми, објаснува Војо Соколовски, претседател на Здружението на приватни шуми.

Пожар на Серта, кај селото Селце, Штипско (Фото: Лаура Стојанова-Кирчов)

„Целиот крајолик е променет. Ќе бидеме сигурно сведоци на многу промени, бидејќи колабираат цели екосистеми. Така што, за нивната рехабилитација ќе биде потребно многу време, за да можат да се вратат во некаква првична состојба. Она што со сигурност можеме да го тврдиме е дека пожарите навистина направија огромна девастација и огромни штети врз целиот екосистем, бидејќи тука, не е само шумата, тука е и почвата, воздухот, водите итн.

Претпоставките на „Национални шуми“ се дека за 3 до 5 години, со добар ангажман, односно со интензивни пошумувања на изгорените површини на Серта, повторно ќе се врати зелениот сјај и ќе продуцираат кислород.

„На Серта изгоре слаба деградирана шумска маса и мислам дека за неколку години, Серта повторно ќе блесне. По она што го видов на терен, можам да кажам дека природата мошне добро се бори со тоа што беше. Имавме врнежлива година и се надевам дека оваа есен ќе успееме да ја смениме сликата со она што пожарите го оставија зад себе“, изјави Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Национални шуми“.

Расад за пошумување (Фото: Трајан Ристовски)

Во некои делови почна пошумувањето со автохтони дрвца. Вклучени се волонтери, ученици, општествено одговорни компании. Во меѓувреме се чистат опожарените делови на планината Серта, а од септември се планира да се почне со пошумување со даб, со што ќе се зголемат шансите за побрза рехабилитација на планината.

Новинарска екипа: Викторија Димитрова-Јованова, Трајан Ристовски, Александра Ристевска, Лаура Стојанова-Кирчов

*Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот.