Последен ден за регистрација за гласање во дијаспора за изборите на 12 април

Ноќеска на полноќ по македонско време истекува рокот за регистрирање на македонски државјани кои претстојуваат во странство, кои би сакале своето гласачко право да го искористат на претстојните парламентарни избори закажани за 12 април во некои од амбасадите и конзулатите на Северна Македонија.

Досега, според податоците на Државната изборна комисија, за гласање во дијаспора пристигнале 6.569 пријави, од кои 5.242 се прифатени, 59 се одбиени, додека 1.319 апликации се необработени. Најголем број пријави има пристигнато од Мелбурн, Венеција и Берн и Берлин.

Според повикот од ДИК, право на глас во странство имаат државјаните на С. Македонија кои се на подолг престој или привремена работа во странска држава, кои до 11 март доставиле пријава за за гласање во посебните избирачки списоци. Сите останати државјани кои престојуваат во странство ќе бидат запишани на избирачкиот список за гласање во С. Македонија според нивното последно живеалиште во земјава.

Граѓаните кои сакаат да гласаат во странство можат да испратат потребни податоци преку следниов ЛИНК ЗА РЕГИСТРАЦИЈА.