Пошта: За најмногу два месеци ќе почне да функционира платниот промет

За најмногу два месеци низ поштите во земјава повторно ќе може да се вршат трансакции од платен промет, ова денеска го најави генералниот директор на Пошта на Северна Македонија, Јани Макрадули при потпишувањето на договорот за соработка меѓу Пошта и банката „Халкбанк“.

Во меѓувреме, Макрадули изрази очекување дека за, како што рече, многу брзо време, Пошта ќе се врати на првобитната позиција која до пред неколку месеци ја имаше на македонскиот пазар, односно, како што посочи, со 25% од вкупниот платен промет во државата.

„Пошта повторно обезбедува можност за плаќање на сметки, како и вршење на други трансакции со најниска провизија и тоа во над 300 точки низ целата држава. Потсетувам дека постојат места низ Републиката во која граѓаните немаат друга можност за вршење на трансакции од платниот промет, освен шалтерите на ‘Пошта’“, истакна Макрадули.

Генералниот директор на „Халкбанк“ пак, Билал Суџубаши посочи дека освен стандардните банкарски услуги, тие ќе понудат и други услуги, кои освен за нивните коминтенти, како што најави, ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на Поштата.

„Клиентите на ‘Пошта на Северна Македонија’, кои отсега стануваат и наши клиенти, набргу ќе можат да се уверат дека нашиот слоган „Важни се луѓето” e во суштинa сублимирана порака на „Халкбанка“ за сите активностиод нашето деловното работење и корпоративната стратегија“, рече тој.

Како што информираат од Пошта, според договорот со „Халкбанк“ платниот промет ќе започне да функционира за најмногу два месеци, и додаваат дека над 870 вработени во Пошта, целосно или делумно извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на наведените услуги. Од остварениот заеднички приход пак, тие додаваат дека 71 отсто ќе биде за државната пошта, а 29 отсто за „Халкбанк“.

Договорот помеѓу Пошта и „Халкбанк“ доаѓа откако Народната банка ја затвори „Еуростандард“ банка. Затворањето следеше откако Народната банка посочи дека „Еуростандард“ банка не ги исполнува минималните законски услови за работење. Од тој период, граѓаните беа оневозможени да вршат трансакции од платен промет низ поштите.