Поранешните претседатели Обама, Буш и Клинтон се пријавија јавно да ја примат вакцината за Ковид-19

Поранешните американски претседатели Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон доброволно се пријавија да ја примат вакцината за Ковид-19 пред камери откако таа ќе биде одобрена од регулаторните тела, со цел да покажат на јавноста дека таа е безбедна.

Последните три претседатели се надеваат дека јавна кампања за подигање на свесноста за ефикансоста на вакцината ќе испрати силна порака откако јавните здравствени власти се трудат да ги убедат граѓаните да се имунизираат.

Шефот на кабинетот на Буш, за Си-Ен-Ен потврдил дека поранешниот претседател побарал од него да ги извести Ентони Фаучи, директорот на Институтот за алергии и заразни заболувања и водечкиот експерт за заразни болести во земјата, Дебора Биркс, дека е спремен да помогне во промовирање на вакцината. Портпаролот пак на Клинтон соопштил дека поранешниот претседател би сакал да ја прими вакцината јавно за да ја промовира. Слична порака испрати и Обама во едно интервју.

„Целосно им верувам на луѓето како Ентони Фаучи со кој соработував. Ако тој ми каже дека вакцината е безбедна и ве имунизра од добивање Ковид-19, ќе ја примам. Можеби тоа ќе го направам на телевизија или ќе го снимам, со цел луѓето да знаат дека верувам во науката и дека не сакам да бидам заразен со вирусот“, рекол Обама.

Обама во интервјуто признал дека постои реален проблем во тоа дел од граѓаните да одбијат да ја примат вакцината, што според некои здравствени експерти ќе предизвика малцинствата кои се поподложни на сериозни последици од вирусот да не сакаат да бидат имунизирани.

„Сфаќам дека историски, враќајќи се назад уште во Таскенги експериментите, афро-американската заедница ќе има скептицизам. Но фактите се дека токму вакцините се заслужни што денеска немаме полио, заслужни што повеќе немаме групи деца кои умираат од морбили или сипаници и други болести кои усмртиле цели популации и заедници“, рекол Обама.

Претходни студии отркија дека малцинските заедници во САД имаат повисока смртност од Ковид-19.

Вчера Велика Британија стана првата држава во светот која ја одобри за широка употреба вакцината за коронавирусот на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.