Британија прва во светот ја одобри вакцината за Ковид-19 од „Фајзер“, од следната недела почнува вакцинирањето

Велика Британија стана првата држава во светот која ја одобри за широка употреба вакцината за коронавирусот на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.

Британскиот регулатор соопшти дека вакцината која нуди до 95% заштита против Ковид-19 е безбедна и дека ќе почне да се употребува од следната недела.

Би-Би-Си пренесува дека имунизацијата може да започне во следниве денови за лицата кои се наоѓаат во високо приоритетните групи – како луѓето кои живеат и работат во домови за стари лица, здравствени и социјални работници.

Британија веќе има нарачано 40 милиони дози, што е доволно за да се вакцинираат 20 милиони луѓе со по две дози, колку што е потребно за заштита.

Ова е најбрзата вакцина во историјата која го помина патот од идеја до финален производ, за што беа потребни само 10 месеци. Вообичаено процесите за создавање на вакцина траат и по една деценија.

Се работи за нова технологија, наречена мРНК вакцина која користи мал дел од генетскиот код од вирусот која ја предизвика пандемијата. Преку внесување на овој код, човечкиот имунитет се учи како да се бори со Ковид-19 и да изгради имунитет. Ова е прв пат мРНК вакцина да се одобри за употреба на луѓе додека досега биле користени само во клинички истражувања.

Вакцината мора да се складира на температури од -70 степени целзиусови и ќе биде транспортирана во специјални кутии. Откако ќе бидат дистрибуирани до здравствените центри, можат да се чуваат до пет дена во обичен фрижидер.

И покрај тоа што ќе започне вакцинацијата, од британското министерство за здравство потенцираат дека и понатаму граѓаните мора да останат претпазливи и да ги следат препораките за заштита од ширење на вирусот. Ова значи да продолжат да се придржуваат до социјално дистанцирање, носење маски и тестирање и изолација на луѓето кои можеби се заразени.