Поради недостиг од храна, властите во Венецуела се залагаат за урбани градини

Минатата недела, опозициските пратеници во Венецуела прогласија вонредна ситуација за храна. Причината е распространетиот недостиг од млеко, месо, леб и други намирници. Критичарите ја обвинуваат социјалистичката економска политика на владата. Но, наместо да го промени курсот, претседателот Николас Мадуро ги повика граѓаните да си направат урбани градини.

Хозефина Рекуена е меѓу оние кои го послушаа повикот на Мадуро. Краставици, пиперки, овошје и други производи растат во дворот на нејзината куќа, во сиромашниот кварт во Каракас, главниот град на Венецуела. Таа исто така има и кокошарник со пилиња.

Неодамна, за време на едно врело попладне, новинар на NPR, им се придружил на Рекуена и други жители на Каракас во искачување на планините кои се издигнуваат над градот. Тие беа во мисија да најдат природно ѓубриво за нивните градини, кои ги одржуваат на балкони, покриви и во своите домови. По раскопување на свежата земја, тие ја товариле и се симнале од планината.

„Целиот мој живот, сакав да засадам секаков вид на растенија“, вели Рекуена. „Но, во изминативе две години, работите станаа многу потешки, така што го сфатив градинарството посериозно“, како и самата влада.

Претседателот Мадуро бара од луѓето да одгледуваат храна и да одгледуваат кокошки во своите домови, иако 83 отсто од населението во Венецуела живее во градови. За таа цел, Мадуро формираше Министерство за урбано земјоделство. Претседателот, исто така, тврди дека тој и првата дама на државата Силија Флорес веќе почнале да ја спроведуваат идејата.

„Силија и јас имаме 60 несилки. Ние произведуваме се што јадеме“, изјави Мадуро.

Критичарите сметаат дека Мадуро треба да се фокусира на олеснување на животот на традиционалните земјоделци. Венецуела има огромна површина на плодна земја, која може да опстојува од сопствената храна. Сепак, производството доживеа пропаст. Економистите ја обвинуваат експропријацијата на фармите и погонот за преработка на храна, како и владината контрола на цените што ги принудуваат земјоделците да продаваат се до загуба.

Покрај тоа, паѓањето на цените на нафтата, главниот извоз на Венецуела, значи дека владата има помалку средства за увоз на храна. Исто така, има сериозен недостиг на увезени машини и намирници, смета Висенте Перез, директор на „Федеагро“, најголемата земјоделска организација во Венецуела.

„Нема ништо, како да нема вода, нема семиња, нема хербициди и нема лекови за вакцинација на домашни животни“, вели Перез.

Фил Гансон, претставник на Меѓународната кризна група во Каракас, предупредува на хуманитарна криза.

„Најмалку еден од десет луѓе јаде два оброци дневно или помалку. Не постои глад. Ние не зборуваме за глад. Ние зборуваме за недоволна исхранетост, особено кај децата“, вели Гансон.

Вината за недостигот од храна, Мадуро ја препишува на ткн. „економска војна“ против неговата влада од страна на опозицијата. Гансон и други аналитичари, пак, го отфрлаат овој аргумент и сметаат дека урбаните градини ќе имаат само мало влијание. Тие нагласуваат дека многу градски жители немаат време и знаење за да одгледуваат храна.

Живинарството, исто така, ќе биде комплицирано, вели возачот на камион Хуан Пабло Ибара, кој беше еден од групата која се искача на планините за да собере ѓубриво за градините. Тој рече дека порано имал кокошки кои му носеле по 30 јајца на ден, но бидејќи пченката со којашто ги хранел била прескапа, неговото семејство на крај ги изело кокошките.