Поминаа 5 години од прогласувањето на Шар Планина за национален парк: „Шара“ поплавена од отпадоци, институциите спијат

Реалноста на терен останува разочарувачка дури и по речиси пет години откако дел од Шар Планина беше прогласен за Национален парк. Заштитениот статус не ги спречи несовесните граѓани да ја злоупотребуваат природата, ниту пак институциите го третираа проблемот со загадувањето со зголемена сериозност. Диви депонии и купишта отпад може да се видат во многу места низ Шар Планина, а овие еколошки проблеми се присутни со години без одржливо решение. Граѓанското општество предупредува дека aко се планира Шар Планина да се промовира како туристичка атракција, посетителите нема да доаѓаат да гледаат отпадоци на секој ќош, туку ќе бараат чиста природа, сериозно управување и вистинска меѓуинституционална соработка. Но, институциите „мижат“ пред проблемот и ја префрлаат одговорноста едни на други, пишува Порталб.мк.

Поради лошото управување со отпадот, како комунален, така и градежен отпад во населбите во и околу Националниот парк, тој завршува на секое ќоше од планината, создавајќи така диви депонии и постојано загадување.

Проблемот го влошуваат и посетителите кои ги користат убавините на Шар Планина за пикници и планински активности, но често зад себе оставаат отпадоци, кои повремено се чистат благодарение на волонтерските иницијативи на љубителите на природата.

Муареми: Недостасува правилно и централизирано управување

Оваа област треба да биде симбол на природна убавина и дестинација што привлекува туристи, како што историски е позната, а не да се трансформира во простор загаден со отпад. Ова за Порталб.мк го изјави Метин Муареми од иницијативата „Пријателите на Шара“.

Метин Муареми. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Тој вели дека проблемот со дивите депонии во Шар Планина е еден од најсериозните еколошки предизвици со кои се соочува регионот, особено имајќи предвид дека станува збор за заштитено подрачје како што е Националниот парк „Шар Планина“.

„Како Платформа „Пријателите на Шара “, со години алармираме дека недостасува соодветно и централизирано управување, барем на ниво на Полог, за собирање, рециклирање и третман на отпадот, вклучително и на инертниот отпад. Свесни сме дека во рамките на заштитеното подрачје има села каде што живеат граѓани, но недостатокот на функционален систем за управување со отпадот останува една од клучните причини за ширењето на дивите депонии“, рече Муареми.

Тој вели дека друга причина е недостатокот на капацитет на инспекциските институции постојано да бидат на терен и да се справат со овие проблеми.
„Како резултат на тоа бројот на диви депонии секој ден се зголемува, а општините и институциите честопати се соочуваат со реална неможност да се справат со овие ситуации. Исто така, загрижува и недостатокот на свест, не само кај граѓаните, туку и кај носителите на одлуки, за важноста на заштитата на животната средина и балансираното користење на природните ресурси“, рече Муареми.

Отпад во Шар Планина. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк (архива)

За 5 години ниту еден пријавен случај во полиција

И покрај состојбата на терен, од 2021 до 2026 година Секторот за внатрешни работи во Тетово не регистрирал ниту една пријави за „Загадување на животната средина“ на Шар Планина.

Шар Планина: Комплексен проблем

Од Националниот парк „Шар Планина“ за Порталб.мк изјавија дека чистењето на дивите депонии не е директна законска надлежност на нивната институција, туку е одговорност на единиците на локалната самоуправа и општинските јавни претпријатија задолжени за управување со отпад.

„Но, во рамките на нашите законски надлежности, чуварската служба на паркот врши редовен мониторинг на терен и во случај на откривање на лица кои фрлаат отпад спротивно на законот, се составуваат соодветни записници, случаите се пријавуваат до Инспекторатот за заштита на природата за понатамошни дејствија согласно законските надлежности, а се спроведува и соработка со надлежните институции за идентификација на загадувачите и спречување на повторувањето на случаите“, изјавија од ЈУ „Шар Планина“.

Оттаму нагласуваат дека потпишале меморандум за соработка со компанијата Заубермахер, која врши собирање и управување со отпад.

„Оваа соработка има за цел поефикасна координација во собирањето на отпадот и решавање на проблематичните точки во рамките на територијата на паркот. Исто така, постои постојана комуникација и координација со надлежните општини за организирање заеднички акции за чистење и интервенции на терен“, изјавија од ЈУ „Шар Планина“.

Оттаму велат дека преземаат разни активности за подигање на свеста кај посетителите и локалните жители, поставување на предупредувачки и информативни знаци, едукативни активности со училиштата и граѓанските организации и меѓуинституционална координација за долгорочни решенија за управување со отпад, но признаваат дека проблемот со дивите депонии и натаму е комплексен.

ЈУ „Шар Планина”. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Еколошките институции: Надлежни се општините

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Порталб.мк велат дека не делуваат и не преземаат мерки против овој проблем, бидејќи, како што велат, тоа е обврска на Националниот парк и на Општина Тетово.

„Министерството донираше канти и контејнери за собирање на отпад, а обврската за отстранување (преместување) на отпадот е нивна одговорност“, изјавија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Слично на ова беше кажано и од Државниот инспекторат за животна средина.

„За отпадот на јавни површини е надлежен Општинскиот инспекторат во Тетово, на чија територија се наоѓа Националниот парк „Шар Планина“, како и општинскиот инспектор и инспекторот за животна средина, согласно Законот за јавна чистота и Законот за управување со отпад“, изјавија од Државниот инспекторат за животна средина за Порталб.мк.

Отпадоци во Шар Планина. Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Општините ја префрлаат одговорноста кај Националниот парк и централните институции

Територијата на националниот парк во најголем дел спаѓа во рамките на територијата на Општина Тетово. Меѓутоа, од Општина Тетово во изјава за Порталб.мк изјавија дека Општинскиот инспекторат нема законско овластување да спроведува контроли, инспекции или да изрекува казнени мерки во врска со управувањето со отпадот на територијата на националниот парк.

„Надлежностите за надзор и дејствување во оваа област им припаѓаат на одговорните органи на централно ниво (државни инспектори) и администрацијата на паркот“, соопштија од Општина Тетово.

Но, од таму велат дека, ние како локална самоуправа, сме подготвени за институционална соработка доколку е потребно, со цел заштита на животната средина и одржување на чистотата на ова заштитено подрачје.

Слично одговорија и од Општина Теарце.

„Општина Теарце нема податоци за изречени казни за овој прекршок на подрачјето на Националниот парк Шар Планина. Прашањата за управување со отпад и надзор на подрачјето на паркот се во надлежност на Дирекцијата на Националниот парк „Шар Планина“, а општинскиот инспектор работи само на територијата на Општина Теарце, во согласност со законските овластувања“, изјавија од Општина Теарце.

Од Општина Гостивар на прашањето дали Општинскиот инспекторат изрекол казни, тие
не дадоа конкретен одговор.

„Планината Шар не влијае на Општина Гостивар освен на две мали планински села, кои не се заштитено подрачје“, изјавија од Општина Гостивар.
националниот парк „Планина Шар“ се протега и во дел од Општина Маврово и  Роструше. Но, ниту од инспекторатот на оваа општина не се изречени казни за загадување на животната средина.

„Не се примени пријави, поднесоци или извештаи за фрлање отпад на заедничката територија на општината и Националниот парк „Шар Планина“, ниту пак нашите инспектори наишле на нелегални депонии или луѓе кои фрлаат отпад на забранети места на оваа територија. Поради ова ве информираме дека Општинскиот инспекторат не изрекол никакви казни за загадување на заедничката територија на Општина Маврово и Ростуше и Националниот парк „Шар Планина“, соопштија од Општина Маврово и Ростуше.

Општините Боговина, Врапчиште и Јегуновци не одговорија на новинарските прашања во врска со овој проблем.

Состојбата на Шар Планина останува нестабилна и предизвикувачка, со нелегален отпад и депонии присутни во многу области, а локалните и централните институции честопати ја префрлаат одговорноста едни на други. Без координирано управување, континуирана контрола и поголема свесност на граѓаните, овој проблем ги загрозува не само природните убавини на Шар Планина, туку и нејзиниот туристички потенцијал, здравје и животна средина.

Инаку, по неколку децении чекање, на 30 јуни 2021 година, Собранието на Северна Македонија го прогласи еден дел од Шар Планина за национален парк. Паркот зафаќа површина од 62.705 хектари, во границите на паркот има 27 села со околу 17.000 жители, поделени во седум општини.

 

Пишува: Фисник Џелили / Преземено од: Мета 

Насловна фотографија: Отпад во Шар Планина/ Фисник Џелили/Порталб.мк