Полски пратенички во бои на виножитото протестираа против анти-ЛГБТИ ставовите на претседателот

Пратенички облечени во боите на ЛГБТИ знамето изразија протест против претседателот на Полска, Анджеј Дуда, за време на неговата инаугурација.

Дел од нив покрај облеката, носеле и примерок од полскиот устав, сугерирајќи дека претседателот веројатно ги прекршува уставните загарантирани права на ЛГБТИ популацијата.

„Претседателот на Република Полска треба да ја штити благосостојбата на сите граѓани“, преку твит порача пратеничката Магда Биејат од левичарската партија Разем.

За време на изборната кампања минатиот месец, претседателот Дуда, кој има поддршка од владејачката конзервативна Партија на правото и правдата, изјави дека: „промоцијата на ЛГБТ права е идеологија која е поштетна од комунизмот“.

Тој беше реизбран за претседател на Полска со нов петгодишен мандат освојувајќи 51% од гласовите во тесна изборна победа над градоначалникот на Варшава, Рафал Тржасковски.

На самата инаугурација дел од опозициските пратеници носеа маски со боја на виножитото, додека претседателот се заложи дека ќе биде отворен кон сите групи и партии, но истовремено потенцирајќи дека ќе го штити семејството во полското општество.

Политиките на Партијата на правото и правдата истовремено ја принудија Европската Унија да упати критики за владеењето на правото и демократијата во нејзината членка.

Пред два дена повеќе лица беа уапсени и обвинети за поставување ЛГБТИ знамиња на статуи во Варшава. Активистите кои протестираа против анти-ЛГБТ политиката на претседателот Дуда поставија знамињата на статуите со Исус Христос, астрономот Коперник и Варшавската сирена.

Уапсени ЛГБТ активисти откако закачиле знамиња со виножито на статуи во Варшава