Политичкиот интегритет и гласот на младите ретко се слушаат во иста реченица, особено кога ја доведуваме во прашање довербата во институциите. Затоа, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ создава можности и простор каде тоа се менува и ги поставува токму младите во центарот на разговорот за политичкиот интегритет.
Настанот ќе се одржи оваа среда, 11 февруари 2026 година, во просториите на Europe House во Струга, каде ќе ги поврземе зборот, уметноста и граѓанската одговорност под заедничкиот наслов „Осмели се, инспирирај, промени – политичкиот интегритет низ очите на младите“.
Наместо класична конференција, настанот е замислен како жив простор за дијалог и место каде секој присутен може да зборува, да слуша и да размислува за тоа што значи интегритет во политиката, но и во секојдневниот живот. Настанот ќе започне во 13 часот, со дискусија за личните искуства, општествените предизвици и прашањата: како да изградиме поодговорно општество и каква улога имаат младите во таа промена.
По дискусијата, просторот ќе се трансформира во уметничка галерија. Ќе биде отворена изложба на 15-те највисоко оценети дела пристигнати на повикот за млади креативци со истиот наслов, вклучително со победничките решенија. Изложбата се состои од визуелни сведоштва за тоа како младата генерација ја доживува корупцијата, неправдата, привилегиите и потребата за промена.
На повикот, кој траеше од 21 ноември 2025 до 12 јануари 2026 година, пристигна 31 дело. Секое од нив раскажува различна приказна за заплетканите „лавиринти“ на моќта, за чувството дека напредокот зависи од врски, а не од знаење, за општеството што гледа, но често одбива да види, за генерацијата што е уморна од празни ветувања, но, и за потребата од запирање на штетните практики во јавната сфера.
Меѓу наградените се млади авторки од Скопје, Куманово и Македонска Каменица, чии дела на различни начини ја отсликуваат истата порака: интегритетот не е апстрактен поим, туку нешто што директно влијае врз секојдневниот живот.
Повеќе за наградените, на овој линк.
Изложбата ќе биде поставена во EU House во Струга до крајот на оваа недела.








