Бавното темпо на медиумските реформи, силното политичко влијание, економската ранливост и растечкото присуство на дезинформации, сериозно ја поткопуваат довербата на јавноста во медиумите во Македонија. Ова е главниот заклучок од најновиот Извештај од сенка за слободата на медиумите, кој вчера беше презентиран во Европска куќа во Скопје, од Фондацијата Метаморфозис и Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa (OBCT).
„Независните и слободни медиуми се клучен елемент за стабилна демократија. Ситуацијата во Северна Македонија е слична со онаа во повеќе земји од ЕУ и земјите-кандидати“, рече Серена Епис од OBCT, нагласувајќи ја потребата од соработка и размена на информации меѓу сите засегнати страни.
Зоран Ричлиев од Фондацијата Метаморфозис посочи на неколку фактори за ниската доверба на јавноста во медиумите.
„Темпото на реформи во оваа сфера е бавно во споредба со општествената ситуација глобално во медиумската сфера. Таа осцилира многу често зависно од политичките констелации. Државата има направено чекори за усогласување со ЕУ стандардите, но политичките притисоци, економската несигурност, присуството на дезинформации, придонесуваат за ниската доверба кај јавноста“, рече Ричлиев.
Горан Ризаов, раководител на програмата Информациски и медиумски интегритет, зборуваше за отсуството на самоодржливост на медиумите, потоа, за ниските плати на новинарите, за работењето на определено време и други проблеми со кои се соочуваат медиумите.
„Сето ова влијае на слободата на медиумите и на ниското ниво на професионализам, а тоа остава простор за ширење дезинформации во самите мејнстрим медиуми. Во извештајот зборуваме и за правната рамка, односно за Законот за медиуми, кој неодамна претрпи измени, но тие измени не се направени сеопфатно како што требаше. Потребно е и самата ЕУ да изврши поголем притисок врз македонските власти за имплементацја на реформите“, истакна Ризаов.

Фото: Метаморфозис
Извештајот содржи и препораки до македонските власти и до институциите на ЕУ за преземање решителни чекори во насока на унапредување на медиумските слободи во согласност со европските и меѓународните стандарди.
Настанот беше заокружен со панел-дискусија на тема „Дали македонските медиуми можат да ја исполнат улогата од јавен интерес“, на која говореа Снежана Трпевска од институтот РЕСИС, и Милан Спировски од Здружението на наовинарите на Македонија (ЗНМ).
Трпевска говореше за честите измени на законската регулатива, како на пример Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, како и последните измени на Законот за медиуми. Во однос на Законот за аудио-визуелни медиумски услуги таа посочи дека тој до сега е сменет најмалку 15 пати, и содржи голем број недоречености.
Според нејзе, ако е толку важна регулативата тогаш е потребно да се внимава и на начинот на кој се носат и прават законите.
Според Спировски од ЗНМ, пак, правната рамка е „речиси добра“, но се каска со нејзиното спроведување посочувајќи дека само 10 проценти од пријавите од страна на новинари добиле судски епилог во изминативе пет години.
Овој извештај е дел од иницијативата Media Freedom Rapid Response, европски механизам кој следи и реагира на прекршувања на медиумските слободи во ЕУ и земјите-кандидати, и е поддржан од проектот „Транснационално застапување за слобода на информирање на Западен Балкан – ATLIB 2“, кофинансиран од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.
Автори на извештајот се Серена Епис од OBCT, и Зоран Ричлиев и Горан Ризаов од Фондацијата Метаморфозис.