Поетот Јован Стрезовски е добитник на наградата „Державин“

Поетот Јован Стрезовски е добитник на наградата „Державин“ што се доделува за најдобра стихозбирка објавена во периодот од јули 2015 до јули 2016 година. Високото признание Стрезовски го доби за поетската книга „Времено и трајно“, објавена во издание на „Матица македонска“.

Одлуката за наградата, што ја доделуваат Друштвото на писателите на Македонија и  Славјанскиот универзитет „Гаврило Романович Державин“ од  Свети Николе, едогласно ја донесе жири комисијата во состав: Иван Чаповски (претседател), Стојан Тарапуза и Паскал Гилевски.

Жирито оценува дека најновото поетско остварување на Јован Стрезовски се одликува со високи естетски дострели кои се вградуваат во ризницата на трајните вредности на македонската литература.

„Стихозбирката „Времено и трајно“ е израз на богатото творечко искуство на Јован Стрезовски низ кое се преткојавуваат едноставноста на кажувањето и слоевитоста на поетските пораки и значења“, се вели во одлуката за доделување на наградата „Державин“.

Свеченото врачување на наградата „Державин“ на Јован Стрезовски ќе се одржи на 12 октомври.

Доајенот на ДПМ, Јован Стрезовски, годинава одбележа 85-годишен животен јубилеј и 60 години творечка дејност. Како поет, раскажувач, романсиер и писател за деца, создаде опус од четириесетина дела. Беше долгогодишен директор на Струшките вечери на поезијата и претседател на Собранието на ДПМ.