Почнуваат уписите на државните универзитети

Почнуваат уписите на државните универзитетиНа петте државни универзитети во земјата оваа недела ќе започне запишувањето во прва година во академската 2013/2014 година.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски денеска соопшти дека има вкупно 25 624 слободни места за идните студенти кои ќе се запишат во прва студентска година, од кои 15 063 слободни места се за редовните студенти во државна квота, 7 411 слободни места се за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 3 150 слободни места за вонредни студенти.

Најмногу слободни места има на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје (10.351), на битолскиот „Св. Климент Охридски“ слободни се 4.160 места, додека пак на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ во Охрид има 400 места.

Првиот уписен рок на овие три универзитети е на 15 и 16 август, вториот е на 3 и 4 септември и третиот е на 17 септември.

Министерот Ристовски, порача дека профилот на студенти кои завршуваат на техничките и природно математичките факултети во моментов е дефицитарен на пазарот на труд.

„Станува збор за струки кои се актуелни и барани од компаниите кои веќе работат или ќе почнат да работат во земјава. Студентите треба сериозно да размислат на кој факултет и на која студиска програма ќе го продолжат образованието, а посебно да посветат внимание на студиските програми кои се нудат за студирање на техничките и природно математичките факултети во земјава“, рече Ристовски.

На Државниот универзитет во Тетово има 5.630 слободни места, а студентите ќе може да се запишат во првиот уписен рок од 19 до 23 август, во вториот кој е од 3 до 6 септември или пак во третиот од 17 до 21 септември.

На  Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има 5.083 слободни места, а таму првиот уписен рок е од 13 до 15 август, вториот од 29 и 30 август и третиот е на 13 септември.

Редовните студенти кои ќе влезат во државна квота ќе плаќаат 200 евра годишно, додека редовните студенти кои ќе се запишат во квотата со кофинансирање, како и вонредните студенти ќе плаќаат по 400 евра, освен ако од самите факултети не е назначено да плаќаат помалку. Студентите пак, кои ќе се запишат на дисперзирани студии на сите јавни високообразовни установи, ќе плаќаат 100 евра годишно.