Почнува расправата по Буџетот за 2018 година – 239 амандмани на предложениот текст

Во Собранието денеска почнува расправата по Предлог-буџетот за 2018 година. Предложениот буџет е на дневен ред во матичната Комисијата за финансирање и буџет, каде според деловникот расправата трае 10 работни денови.

Вкупните приходи за 2018 година се планираат на ниво од 193,5 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 211,7 милијарди денари, односно 3,4 милијарди евра.

Вкупните приходи за наредната година се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, додека приходите за 4,1 процент.

Државата најмногу одвојува за социјална и детска заштита – 32%, 19% за економски развој и финансиски работи, 14% за здравство, 11% за образование, наука и спорт, по 5% за градежништво, транспорт, комуникации и екологија и за јавен ред и безбедност, 3% за одбрана, по 2% за надворешни работи и ЕУ интеграции и за култура  и по еден процент од вкупниот буџет се предвидени за судство и регионален развој.

Радио МОФ ги анализираше предлог-буџетите за 2018 година на Министерството за образование, Агенцијата за млади и спорт и Бирото за развој на образование. Подетално во текстот подолу:

Буџет на МОН: Помалку пари за спортски сали и наука, повеќе за „Мајка Тереза“ и ученички стандард

Владата планира намалување на средствата за непродуктивни трошоци. Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 17.463 милиони денари, со што  се обезбедува редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, вклучувајќи и обезбедување на средства за финансирање на здравствените програми, со цел унапредување на здравјето и подобрување на здравствената заштита на населението. За стоки и услуги следната година државата ќе потроши помалку пари за 203 милиони денари во однос на оваа година.

Ќе се трошат повеќе средства за капитални расходи кои се проектирани на ниво од 24.645 милиони денари, наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за довршување на автопатот на Коридор 10 и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Со Предлог-буџетот се предвидува македонската економија следната година да има раст од 3,2 проценти, а стапката на инфлација 1,7 проценти.

По предложениот текст има поднесено вкупно 239 амандмани.