Почна Европското дебатно првенство 2026: Над 300 млади дебатери се натпреваруваат во „Орце Николов“

Денеска во Скопје официјално започна Европското дебатно првенство за средношколци – EuroSDC 2026, кое годинава ја собра европската младинска дебатна елита во главниот град. Домаќин на настанот е средното училиште „Орце Николов“, каде се присутни повеќе од 300 ученици-дебатери од повеќе европски земји, како и голем број волонтери и организатори.

Организацијата на првенството е доверена на Младински образовен форум (МОФ), најголемата и најактивна дебатна организација во Македонија, која веќе 27 години го развива дебатното движење и континуирано ги испраќа најдобрите средношколски дебатери на меѓународни натпревари. Во координација со International Debate Education Association (IDEA), МОФ го реализира овој значаен европски настан, кој важи за едно од најголемите годишни собирања на млади дебатери во Европа.

Во изјава за Радио МОФ, волонтерите ја истакнаа својата благодарност што имаат можност да бидат дел од едно од клучните младински случувања на европско ниво. Тие посочија дека учеството во организацијата претставува можност да ја претстават земјата и културата пред младите од цела Европа.

Организаторите информираа дека во текот на денешниот и утрешниот ден ќе се одржуваат натпреварувачки рунди, во кои учесниците ќе ги усовршуваат своите техники на аргументирање, критичко размислување и јавно говорење. Дебатерите ќе имаат можност да се соочат со своите врсници од различни европски земји, разменувајќи идеи и искуства во духот на фер-плеј и меѓусебна почит.