Поетот, писател и преведувач Тихомир Јанчовски почина денеска во Скопје, потврди семејството во објава на социјалните мрежи.
Јанчовски имаше 58 години.
Тој е автор на над триесет книги, главно поезија, преводи, романи и една книга историја. На 23 јануари на својот профил на Фејсбук објави дека излезе книгата „60 икони на Мајката Божја“ од Аријан де Сен-Марк чиј уредник и преведувач е Јанчовски и најави промоција за еден месец.

Собрани дела од Јанчовски, фото: Фејсбук
Во 2024 одбележа 25 години творештво, а истата година со Бранислав Николов го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, присутен е во голем број антологии, а има и четири целосно преведени книги на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.
Јанчовски е дипломец на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје во 1991. Специјализирал во Будимпешта, на Катедрата за Средновековни студии на Централно Европскиот Универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ во 2010.
Друштвото на писателите во своја објава посветена на Јанчовски, пишува дека со својата автентичност и креативност останува еден и од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“ во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

