Почина пациент на 79-годишна возраст, нови 26 случаи на коронавирус

Утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Дебар на 79-годишна возраст од коронавирусот, соопштија денеска од Министерството за здравство (МЗ). Пациентот бил дијагностициран како позитивен на вирусот на 23 март, а по два дена, со влошена здравствена состојба e хоспитализиран на клиниката во Скопје.

Во последните 24 часа во државава се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус. Дел од потврдените се со работа во Скопје, но место на живеење во друг град. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 изнесува 285 лица.

„Денеска од  Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се испишани 9 пациенти (8 од Дебар и 1 од Скопје) кои на два контролни теста на Ковид-19  имаа негативен резултат. Нивната здравствена состојба е добра и тие заминаа дома“, соопштија од МЗ.

Од МЗ велат дека прават огромни напори за навремено, транспарентно и точно известување на јавноста и комуникација со медиумите.

„Со оглед на зголемениот обем на работа и информации и се поголемиот број на тестирања во повеќе лаборатории кои ги доставуваат своите извештаи до Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство известува дека од утре 31 март, Институтот за јавно здравје ќе ја доставува статистиката на денот за бројот на новозаболени до 15:00 часот за што Министерството за здравство веднаш ќе испрати информација до медиумите. Во овие моменти е неопходно е да имаме точни, проверени и прецизни податоци и за таа цел го поместуваме времето за известување“, додаваат оттаму.