Почина Кристин Мекви, пејачката на „Флитвуд мек“

Фамилијата на музичкарката Кристин Мекви, позната како дел од најпознатиот рок бенд во 70тите и 80тите, „Флитвуд Мак“, објави дека таа починала по кратко боледување, пренесува „Гардијан“.

Меквин почина на 79 години, а освен пејачка, таа беше и текстописец, клавијатуристка и композиторка.

Во објавата на Фејсбук било истакнато дека таа починала во болница, утрото на 30 ноември, по кратко боледување.

„Почитувајте ја приватноста на семејството во ова време. Но, би сакале да ја запомните Кристин како искусна музичарка која беше сакана од сите“, гласи соопштението.

Британско-американскиот рок бенд „Флитвуд мек“ беше основан во Лондон во 1967 и продаде над 100 милиони албумски копии, по што беше прогласен за еден од најуспешните бендови. Нивните најпознати песни се „Dreams“, „Go Your Own Way“ и „Everywhere“.

И бендот се поздрави со Мекви веднаш по веста за нејзината смрт.

„Не постојат зборови за да ја опишеме нашата тага. Кристин беше навистина уникатна, посебна и бескрајно талентирана. Таа беше најдобрата музичарка со која што можете да соработувате и најдобрата пријателка која што може да ја посакате. Ние сме многу среќни што ја познававме. Многу ќе ни недостасува“, гласи во поздравот на „Флитвуд мек“ на „Твитер“.

Родена како Кристин Перфект, таа се придружи на групата во 1971 откако се омажи за нејзиниот басист Џон Мекви. Дел од „Флитвуд Мек“ беше до 1998, па се врати во 2014.

И покрај својата турбулентна историја, „Флитвуд Мек“ беше една од најуспешните рок групи во 1970-ите и 1980-ите, а Мекви сними 12 студиски албуми со неа.