Почина Хироши Јамаучи – визионерот на Нинтендо

Долгогодишниот претседател на јапонската компанија Нинтендо, Хироши Јамаучи почина денеска на 85-годишна возраст. Јапонскиот бизнисмен беше на чело на компанијата цели 53 години (1949-2002), трансформирајќи ја од мала фабрика за ханафуда-карти во еден од водечките светски брендови за видеоигри.

Откако неколку години работел на постоечкиот бизнис со карти на компанијата, Јамаучи се свртел кон електрониката и со помош на легендарниот дизајнер на игри Шигеру Мијамото, успеал да се пробие на американскиот пазар на аркадни игри.

„Тој ја препозна социјалната вредност на играта, но и економскиот потенцијал на електронскиот гејминг. Што е најважно, тој управуваше со Нинтендо на свој начин, незагрижен за потезите на конкурентите. Тој беше вистински визионер“, вели Ian Livingstone, основачот на компанијата Games Workshop.

Јамаучи беше еден од најбогатите Јапонци, а извесно време беше и сопственик на безбол-тимот Seattle Mariners.