Актерот Гоце Влахов денеска почина на 70 години. Тој во својата богата кариера глумеше во повеќе филмови и серии, публиката најмногу го памети по улогите во „Македонските народни приказни“, но и во „Трст виа Скопје“, „Во светот на бајките“ и „Тврдокорни“.
„Гоце Влахов ќе остане запаметен по вештината со која го создаде секој лик карактеристичен, секогаш сигурен во играта и страста кон театарот и претставата. Таа константност на играта му обезбедува важно место, место за паметење“, напишаа од Македонскиот народен театар, каде Влахов работеше од 1980 година до пензионирањето.
Првата улога на сцената на Македонски народен театар Гоце Влахов ја остварува во 1972 година во претставата „Крал Лир“, а потоа се редат и „Хелдерлин“ (1973), „Сезона на шампионите“ (1975) и „Славата и смртта на Хоаким Муриета“ (1975). Во селективната театрографија ќе ги спомнеме и претставите „Милион маченици“ (1980), „Војна и мир во Груда“ (1981), „Остен“, „По претставата“(1981), „Габи“ (1982), Макавејските празници“, „Свирач на покрив“ (1983), „Воена тајна“, „Погрижи се за Амелија“ (1984), „Среќна нова 1949“, „Рамна земја“ (1985), „Тартиф“, „Гуштерица“ (1986), „Мрестење на краповите“, „Дон Кихот“ (1987), „Рави“ (1989), „Галеб“, „Посета на старата дама“ (1990), „Зора на истокот“ (1991), „МКС“ (1995), „Гроф Миливој“ (2001), „„Болва в уво“ (2007) и последната „Троил и Кресида“ (2010).
Остварува главни улоги во филмовите „Чекор пред времето“ (2003) и „Андер“ (2004), а игра и во филмовите „Македонски дел од пеколот“ (1971), „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980), „Сенки“ (2007) и „Мајки“ (2010).
Посмртните останки на Гоце Влахов ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел на 30 јули (вторник), во 11 часот, а погребот ќе биде во 12 часот.