„Плејбои…“ пристигнуваат во Драмски театар Скопје на 23 октомври

Претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ ќе се игра во Скопје на 23 октомври во 20 часот во Драмски театар во Скопје. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште,  Местното гледалишче Љубљанско и продукцијата на „Град театар“ Будва.

„Премиерата на ‘Плејбои…’ беше на 10 август во рамките на фестивалот ‘Град театар’ Будва, каде што имаше 4 изведби. Играњето на летните сцени продолжи со учеството во драмската програма на фестивалот ‘Охридско лето’, а последната фестивалска изведба беше на Бриони во рамките на фестивалот РУТА. Заедничка констатација од досегашните гостувања е задоволството на публиката и уживањето во маестралната изведба на традиционалната форма на комедија дел арте на режисерот Иван Пеновиќ“, велат од Драмски.

Во копродокциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

За значењето на успешната реализација на оваа копродукција директорот на Драмски театар Роберт Вељановски вели: „Нашата сатисфакција е повеќеслојна. Сите четири институции што застанаа зад овој проект, што наназад 2-3 години тлееше како идеја на хартија во рамките на Регионалната унија на театри – РУТА, се реализираше со оваа претстава. Станува збор за прва четирипартитна копродукција. Сега со сигурност можеме да кажеме и пред самите себе си и пред нашата публика во регионот, дека сме кадарни и дека нашите театри се на исклучително високо рамниште, дека квалитетот, ентузијазмот и уметничкиот порив за творење и надвор од рамките на нашите матични театри е силно изразен кај сите нас. Во целиот процес на работење на претставата се чувствуваше довербата „на сите во секого“. По неколкуте први проби, актерите функционираа како еден ансамбл. Она што мене ме прави горд е што претставата се подготви во Скопје и во неа учествува помошно-техничкиот персонал на Драмскиот театар. Во овие услови кога театарот како објект не располага со опрема на завидно ниво, нашите луѓе, актерите, уметничкиот тим, техничарите на светло и звук, декоратерите, столари, како и нашите вработени шивачи, гардеробери, луѓето задолжени за театарска шминка и фризура, сите до еден се исклучителни професионалци и подготвени да ги исполнат високите естетски критериуми на оваа регионална копродукција“.

Во програмската режисерска белешка за претставата е истакнато дека: „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.“

Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).

За претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ што ќе се игра на 23 октомври билетите се пуштени во онлајн продажба на karti.mk и на билетарницата на театарот.