Платформа за родова еднаквост: Функцијата градоначалник не е да прави поделби во граѓанското општество, туку да работи за доброто на сите граѓани

Платформата за родова реагира на објавата на градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов на неговите социјални мрежи, во која како што велат, тој се заканува со вето и ништовност на соработка со граѓанските организации кои имаат критички став кон последните случувања на територијата на општина Струмица.

„Ваквиот наратив за ставање вето на соработката со „неистомислениците“ во граѓанскиот сектор кои се залагаат за унапредување на родовата еднаквост и почитување на основните човекови права создава дополнителна поларизација помеѓу граѓаните и поттикнува говор на омраза, насилство и нетолеранција. Сакаме да го потсетиме градоначалникот дека ваквата реторика на ‘подобни’ и ‘неподобни’ граѓански организации беше главен политички инструмент на минатиот автократски режим на владеење, против кој сите се боревме за да ги ослободиме граѓаните и институциите, со верување дека никогаш повеќе нема да се повтори“, реагираат од Платформата.

Во реакцијата се додава дека градоначалникот со својот натпис поттикнува уште поголема нетрпеливост и омраза кон граѓанските организации кои не се согласуваат со неговиот интимен и личен став за верата, а на кој не му е место во градоначалничката функција

„Го повикуваме градоначалникот на општина Струмица да се воздржи од понатамошни критики кон граѓанските организации кои се борат за унапредување на родовата еднаквост, како основно човеково право и една од најголемите демократски вредности на секое општество. Укажуваме дека ваквите негови настапи само може уште повеќе да поттикнат омраза и насилство кон различните и маргинализираните групи, а за кои градоначалникот е должен да ја обезбеди нивната безбедност и живот. Тие се чекор назад во демократијата и приближувањето кон ЕУ и не и носат никакво општествено добро на нашата земја. Оттука, повторно нагласуваме, Законот за родова еднаквост не е против ниту еден граѓанин, децата и семејствата, ниту пак со истиот се одземаат нечии права, туку вклучува подобри институционални механизми за унапредување на положбата на жената, еднаквост на жените и мажите во остварувањето на својот личен, социјален, економски и општествен потенцијал. Законот е за подобро утре за жените, децата, за демократијата, за еднаквоста во општеството“, пишува во реакцијата.