Платформа за борба против корупција: На штета на граѓаните е што долго време институции се без раководство

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара финализирање на процедурите за избор и именување на раководство на Државниот завод за ревизија (ДЗР), од декември 2017, Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер, која е без членови и само со претседател веќе подолг период, и Дирекцијата за заштита на личните податоци, во која има оставка на директор поднесена во мај 2019.

„Веќе предолго време овие институции се оставени без раководни структури, што е на директна штета на граѓаните на Републиката и на институциите. Овие институции се исклучително важни во обезбедување на контролата на трошењето на јавните пари, усогласеноста на институциите со регулативата, и правото на пристап до информации. Ваквата состојба остава значајни ризици по борбата против корупцијата – која треба да е клучна заложба на пратениците во Собранието како претставници на граѓаните и заштитници на јавниот интерес“, реагираат од Платформата.

Своето писмо-барање им е доставено до Собранието и до Комисијата за прашања за избори и именувања при законодавниот дом.

Според Платформата, во очи на изборите, намалената, или дисфункционалноста на овие тела е дополнителен ризик. Потенцираат дека ДЗР има директна улога во контролата на финансирањето на партиите и кампањите, а правото на пристап до информации од јавен карактер мора да биде обезбедено за новинарите, невладините и граѓаните во претстојниот период за да се зголеми транспарентноста на изборите.

„Истовремено, Платформата бара при именувањето на раководните структури на овие институции, Собранието да се одважи и да ја направи постапката транспарентна, и да им овозможи на пратениците на јавен распит да ги испитуваат потенцијалните кандидати. Со ова, на пратениците ќе им се даде можност во целост да ја исполнат својата улога на носење одлуки – преку проверка, информирање и воспоставување контрола на процесот. Во тој процес, граѓанските организации од Платформата стојат на располагање да го помогнат сето ова, информирајќи ги пратениците за своите оценки и мислења по кандидатите“, велат од Платформата од граѓански организации.