„Планинарењето е важно“ – на Средно Водно утре ќе се одбележи Светскиот ден на планината

Комисијата за планинарски водичи (КПВ) и планинарските водичи од водњанско-караџискиот (скопски) регион организираат презентации на теми од планинарењето во зимски услови во склоп на активностите на ФПСМ за одбележување на Светскиот ден на планината 2020.

Презентациите ќе се одржат на Средно Водно, до домот 6-те Чешми утре (12 декември) од 11:00 -13:00 часот.

На нив ќе се зборува за планинскиот биодиверзитет, ќе се претстави потребната лична опрема за зимска сезона, планинарска техничка опрема за зимски планинарски акции и движење во зимски услови, како и за опасности, безбедност и спасување во зимски услови.

Глобален приоритет на годинешниот Светски ден на планината е чување и грижа за богатиот планински биодиверзитет и природните екосистеми, заштитени од експлоатација и загадување од човек – планини од отпадоци, реки од пластика и неодржлива екплоатација на природата се закануваат со комплетна деструкција на планините, реките, езерата и околината, заедно со целиот жив свет во нив, вклучувајќи го и уништувачот, човекот.

Организаторите ги повикуваат граѓаните да им се приклучат во одбележувањето со споделување фотографии од настанот или од планини и планински места кои ќе ги посетат овој викенд, со хаштагот #MountainsMatter.

„Да оставиме свој отпечаток во едно глобално движење и кревање на свеста за безбедно развивање на планинарењето во зимски и летни услови, чиста природна околина, со строго чување и почитување на планините, планинарските патеки и природата. Не загадувајте и не уништувајте оти планините се важни“, порачуваат тие.

За активно да бидат вклучени и најмладите планинари во ова глобално движење, ги поттикнуваат да создадат литературна или ликовна творба на тема „Планините се важни”.

„Творбите можете да ги донесете во сабота од 11:00 – 13:00 часот на Средно Водно заедно со авторчињата-планинарчиња, по можност без автомобил или објавете ги on-line во склоп на настанот. Сите дела ќе бидат објавени и изложени во склоп на настанот и активностите на ФПСМ. Оти навистина се важни“, стои во најавата.

Настанот ќе се организира со почитување на протоколите за заштита од Ковид-19, со носење маска и држење растојание.