Плагијаторството и лажните вести – закана за професионалното новинарство

Речиси 70 отсто од вестите кои циркулираат на македонскиот агрегатор Time.mk се исти, без нова информација од претходно објавените, понекогаш и со истите печатни грешки, или народски кажано „копи-пејст“ новинарство. Овој проблем оди дотаму што авторски текстови и фотографии се крадат безмилосно, без консултација од самиот автор и медиумот.

Според Ѕвездан Георгиевски, слободен новинар и колумнист, авторското право е темелно и неприкосновано. Но, како што саркастично подвлече, под автор се подразбира се, само не новинар.

„Јас кога започнав да пишувам колумни, веднаш други медиуми преземаа, без ниту да ми соопштат. Тогаш се распрашував околу заштитата на моите авторски права и излезе дека тој прв што ја објавил мојата колумна ги има авторските права и дека медиумот што презема од него се договараат меѓу нив, односно јас немам никакво право врз мојот текст. Значи, медиумот може да издаде книга со моите колумни, а јас да не добијам никаков хонорар“, рече Георгиевски за време на панелот посветен плагијаторството и лажните вести, во организација на Фондацијата Метаморфозис.

„Што ако тој медиум што ме пренесува добие реклама поради мојата колумна?“, прашува тој.

Според него, денешната ситуација е таква што се гледа повеќе да има ќар, а помалку квалитет. Тоа, пак, смета Георгиевски придонесува до „копи-пејст“ новинарството, што според него, е само на мал чекор растојание од создавањето на лажни вести.

„Штетата е на новинарскиот труд“, заклучи тој.

Според него, добро информирана јавност е услов за демократија, но тоа не е доволно, потребни се и демократски институции.

Фоторепортерите vs. крадците на фотографии

„Пред седум години, Град Скопје ми украде фотографија и ја постави на билборд“, почнува да раскажува еден од најдобрите македонски фоторепортери Томислав Георгиев.

Кога се решил судски да ја тера својата правда, добивал закани од типот на: „имаме 20 правници, случајот однапред е изгубен“.

Георгиев вели дека битката за авторските права на фотографите во државата трае со години. Тој имал повеќе судски спорови со неколку портали, дел од нив успеал да ги добие.

„Многу едноставно е, не сте ја платиле, немате право да ја користите“, вели категорично тој.

Заедно со уште неколку професионални репортери покренаа иницијатива со која ќе си ги бараат своите авторски права. За секоја украдена фотографија бараат 250 евра, што според Георгиев е ништо, ако се земе фактот дека во соседна Србија, тоа би чинело 1000 евра. Впрочем, Македонија е последна држава во регионот која потегнува иницијатива за по судски пат да се бранат авторските права на фотографите.

Но, како пример за тоа до каде оди перцепцијата на јавноста за овој проблем, Георгиев раскажа за скорашен пример, поточно за конкурс за фотографија организиран од Холандската амбасада. По предвидената селекција се одбрал победник, но за на крај да се утврди дека тој всушност не е вистинскиот автор, туку негов пријател. За случајот се дознало дури во моментот кога момчето морало да потпише договор за авторски права. На крај, наградата сепак завшрила во рацете на вистинскиот автор на фотографијата.

Како еден од начините за да ги заштити своите, но и на правата на колегите, Георгиев неодамна оформи и фотографска агенција, налик на новинска, каде може да се купат професионални фотографии, или видеа од целата земја.

Адвокатката која ги претставува правата на фоторепортерите, Наталијa Миленковска, вели дека случајот со Велес и фабриката за лажни вести покажа колкав е степенот на свест за авторските права во земјата.

„Дојдовме до констатација дека е потребна заштита на авторските права, како на новинарите, така и на фоторепортерите, затоа што во оваа сфера многу малку се почитуваат нивните права“, вели таа.

„Со иницијативата почнавме за да се даде поддршка за стриктно уредување на оваа сфера и да се запре со досегашната пракса каде секој кога има потреба ќе ги земе фотографиите на фотографите, или текстовите на новинарите, без притоа воопшто да имаат свест дека со тоа се кршат нечии права, се прави некаква штета, но и повлекува кривично дело“, посочи Миленковска.

Прв чекор биле напомените пред тужба за да им нагласат на сторителите дека направиле прекршок, кои членови и кои закони ги прекршуваат со тоа, а кои би биле предвидените санкциии. За три месеци биле испратени речиси 50 опомени, а вклучени се 20-тина спогодби со коишто се обештетуваат репортерите.

„Она што дава надеж е што за овој кус период е постигнат успех, бидејќи бројот на вакви неосновани презимања е намален за некои 80-тина отсто“, информира таа.

Босна и Херцеговина: Еден сопственик на 93 портали

Порталот raskrinkavanje.ba претставува босанската верзија на македонскиот „Сервис за проверка на факти“, со тоа што новинарите од овој медиум ги проверуваат фактите произнесени низ медиумите, но и начинот на кој тие се изнесени.

Најголем проблем во Босна и Херцеговина, вели неговиот уредник Емир Зулејхиќ, е тоа што не постои легислатива, односно не постои закон што ја регулира одговорноста на медиумите.

„Ако сакате да поведете судски процес против одреден медиум кој украл некаква вест, тоа е практично невозможно бидејќи не знаеме кој ја објавил, кој е сопственик на тој портал. Импресум е збор кој за 97 отсто од порталите и новинарите е непознат“, вели тој.

Имало случај во кој еден човек бил сопственик на 93 портали. Посочи на примери каде медиуми објавувале одредени фотографии кои покажувале насилство за време на протести, иако тоа не се случувало, меѓутоа успеале да создадат негативна слика кај населението за тие протести.

Во најдобар случај, објасни Зулејхиќ, ја повлекуваат фотографијата, без извинување или појаснување до јавноста.

Според него, информатичката неписменост е еден од главните фактори поради кои лажните вести успеваат да се пробијат. Како пример ја посочи својата мајка.

„Таа доколку види Фејсбук страница насловена „готвење“, таа ќе ја лајкне, меѓутоа што подоцна ќе се објавува од таа страница, нејзе не ја интересира. Некогаш кога ја прашувам од каде ѝ се одредени информации, таа ми вели – па, така пишува на интернет“, рече тој.

Во однос на македонската медиумска сфера, новинарите и медиумските работници се согласни во делот дека проблематично е тоа што законот не познава интернет медиуми, туку само електронски изданија на традиционалните медиуми. Така што не постојат ниту новинари кои работат во интернет медиум.

Е.П.

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.