Писателот Кујунџиски со романот „Америка“ оди на турнеја во Италија

Писателот Жарко Кујунџиски со италијанско издание на романот „Америка“ ќе учествува на 22-то издание на книжевниот фестивал во регионот Пуља, „Il Libro Possibile“.

Меѓународниот книжевен фестивал ќе се одржува во два дела од 5 до 8 јули и од 18 до 22 јули. Кујунџиски ќе учествува на дискусија на главниот градски плоштад што ќе започне во 23:00 часот.

Ден претходно македонскиот писател ќе биде во книжарницата „Libreria Culture Club Cafè“, а тогаш за книгата ќе говори и преведувачката на италијански јазик Маријанџела Бјанкофиоре.

Романот „Америка“ од печат излезе паралелно во Македонија, во издание на „Антолог“ и во Италија во издание на издавачката куќа „Besa Muci“.

„Да замислиме две нешта: Америка да биде личност, а не име на континент и да биде тој, а не таа. Значи, си имаме работа со Америка Берти, триесетгодишен маж чие искуство може да се спакува во џеб од панталони. Едноставен како „извини“ и повлечен како мирно море. Америка Берти, тоа триесетгодишно дете со големо име и со скромни барања. Да вози велосипед наоколу, да лови риба, да игра со своите поќерки и по посетата на поштарот, во осаменост да минува часови со писмата што никој не знае од кого и од каде пристигнуваат. Ајде сега да замислиме дека сме во Италија, од другата страна на Јадранското Море, и некаде меѓу Бриндизи и Монополи е скриено малото Тинтинио, место што го нема на географска карта, но во него гравитираат толку многу уникатни личности што го заслужува вниманието на светот. Кога тие две нешта ќе се спојат – чудните навики на еден интровертен човек и љубопитноста на провинцијата што живее од секојдневниот џагор – се создава дело што го носи шармот на приказните што се паметат цел живот“, се вели во описот за книгата.

Кујунџиски е македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет, преведувач и филмски критичар. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Романот Spectator е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик.

Маријанџела Бјанкофиоре дипломирала македонски јазик и книжевност и англоамерикански јазици и книжевности на Универзитетот Л’Ориентале во Неапол, потоа специјализирала теорија и практика на литературниот превод на Универзитетот во Бари. Живеела од 2006 до 2017 година во Скопје, предавала на некои универзитети каде што била активно инволвирана во промоција на културни и општествени проекти. Има преведено различни македонски автори како Луан Старова, Олег Дементиенко, Ката Ќулавкова, Драги Михајловски, Александар Прокопиев, Лидија Димковска, Влада Урошевиќ и Жарко Кујунџиски.