Писателот Ахмет Умит доаѓа на „BookStar“ 2025

Турскиот писател Ахмет Умит ќе биде специјален гостин на Фестивалот „BookStar“ кој ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври, како дел од програмата на странски автори кои оставиле значаен белег во светската книжевност. Гостувањето на Умит е најавено под насловот „Мајсторот е тука!“.

„Ахмет Умит е еден од најзначајните и најчитаните современи турски писатели, познат по своите детективски романи но и по длабока рефлексија на историските, политичките, социјалните и митолошките теми во своето творештво, што го прави уникатна појава во европската литература“, велат од фестивалот.

Во интервју во 2024 година, тој самиот го објаснува своето творештво како: „Јас не бев свесен дека пишувам криминалистичка литература. Човек обично одлучува: ‘Ќе напишам филозофски, љубовен, историски роман’. Има правец, знае што сака. Јас не бев таков. Подоцна некој ми рече: ‘Ти пишуваш крими-романи.’ Од мојата 14-та до 30-та година имав многу динамичен живот. Бев активен на политички план од 1974 до 1990 година. Тој период беше суров со мене. Бев ранет, застрелан, ја напуштив државата со лажен пасош; буквално живеев како Џејмс Бонд. Така што, после такво минато секако дека ќе пишуваш на таков начин.“

Роден е во Газијантеп, Турција, во 1960 година. Образованието го стекнува на Катедрата за јавна администрација при Универзитетот „Мармара“. Во периодот 1985–1986 година студира политикологија на Академијата за општествени науки во Москва. Во 1989 година го објавува своето прво книжевно дело — збирка поезија. Во 1992 следува негова прва книга раскази. Романот „Магла и ноќ“ од 1996, се смета за ремек-дело на детективската книжевност.

„Умит не само што пишува романи и раскази, туку е автор и на графички романи, а дел од неговите книги се адаптирани на филм, телевизија и театар. Го нарекуваат и турскиот мајстор на крими-трилерите исполнети со импресивна историска и општествена позадина. Делата му се преведени на многу јазици, а влијанието на неговото творештво се чувствува во целиот свет. Филмот ‘Збогум, моја убава татковино’ е направен според негово сценарио“, појаснуваат од „BookStar“.

Во 2006 година, благодарение на романите „Патасана“ и „Белезијата на Нината“, бил избран за член на Турскиот институт за антиквитети, а во 2023 бил избран за член на Германскиот археолошки институт. Бил и водител на ТВ-емисијата „Градот во кој живееш“, посветена на подигнување на свеста за урбаната култура, зачувување на историјата на градовите и развој на мултикултурализмот.

„Неговата присутност на социјалните медиуми е импресивна, со речиси 900 000 следбеници на платформата X и 180 000 следбеници на Инстаграм. Годинава Умит имаше американска турнеја во чиј склоп одржа предавања на ‘California Language Academy’ во Лос Анџелес и на Универзитетот Стенфорд во Сан Франциско“, додаваат од фестивалот.

На македонски јазик досега му се преведени дванаесет од дваесеттината книги.

Фестивалот „BookStar“ 2025 се одржува под слоганот „За писателцките работи“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.