Петнаесетгодишна Сиријка води кампања против детските бракови, инспирирана од Малала

Омаима, петнаесетгодишна девојка од Сирија, води кампања против детските бракови. Таа нуди часови по цртање и глума на своите врснички во бегалскиот камп Затари во Јордан, со цел да ги спречи да донесат одлука да се омажат толку млади.

Во изминатите неколку години во кампот, во кој живеат 80000 бегалци (претежно Сиријци кои побегнале од граѓанската војна), Омаима била сведок на исчезнувања и принудно стапување на брак на многу од своите соученички. Најчесто на тоа ги принудувале нивните родители.

Кога една од нејзините другарки била омажена на сила пред да наполни 14 години, Омаима решила да се бори против тоа.

„Можев да ја видам нивната болка, затоа почнав да нудам едноставни совети, дека прераниот брак е добар за нив, нивното ментално и физичко здравје. Но, наскоро сфатив дека советите не се доволни“, вели Омаима.

Решена да ги спречи другите девојки да се омажат толку млади, Омаима зборувала за ризиците на прераниот брак и почнала да организира активности како предавања за цртање, пеење и театарски претстави, преку кои ги потенцира тие ризици.

„Нивните тела не се подготвени за раѓање деца, а емоционално се неподготвени да бидат сопруги и мајки“, вели таа.

Повеќето девојки кои се мажат млади не го завршуваат своето образование, па поради тоа не знаат да ги воспитаат ни своите деца. Ако тие се неписмени, поголема е можноста дека и нивните деца ќе бидат неписмени.

„Мајката е како училиште, така што ако таа е подготвена, и нејзините деца ќе бидат подготвени“, вели таа.

Минималната возраст за мажење во Јордан е 18 години, но религиозните судии кои го почитуваат шеријатското право дозволуваат бракови помеѓу деца од 15 години нагоре. Локалните шеици исто така често склучуваат неофицијални бракови на мажи со девојки помлади и од 14 години, кои се нелегални според легислативата на државата.

Во предвоената Сирија, во просек 13 проценти од сите бракови биле склучени меѓу лица под 18 години, јавува УНХЦР. Меѓу сириските бегалци кои живеат во Јордан, оваа стапка пораснала до 32 проценти во првиот квартал на 2014 година.

Да се води кампања против детските бракови заОмаима не поминува без ризик и предизвици.

„Често јас и други одиме да разговараме со семејствата на девојките заедно со нив, и тие ни велат дека тоа не е наша работа. Вообичаено се многу пристојни, но знаат да бидат многу строги, особено татковците. Полесно ми е да ги убедам нивните мајки, а тие потоа можат да влијаат на татковците“, вели Омаима.

Активистите и волонтерите во кампот обезбедуваат советување на секоја девојка која сака да се омажи пред да наполни 18. Но, ако таа има 15 години и сите страни се согласни, нема ништо што можат да направат.

И покрај овие предизвици, Омаима вели дека уверила многу идни деца-невести и нивните семејства да се откажат од предвремениот брак.

„Една од моите пријателки се вери и ми рече дека наскоро ќе се омажи и нема веќе да нé види. Таа сакаше да се омажи, но моите пријатели и јас се собравме и ѝ рековме дека прави грешка и треба да продолжи со образованието. На крај ја убедивме да го замоли семејството да ја откаже свршувачката и сега е назад на училиште со нас“.

„Татко ми ми вели дека сум започнала нешто добро и треба да продолжам да го правам тоа“, вели таа. „Сакам да одам на факултет и да студирам право, за да можам да ги бранам правата на жените и девојчињата“, додава.

Нејзина инспирација е Малала Јусуфзаи, Пакистанката која е и најмлад добитник на Нобеловата награда за мир.

„Мајка ми ми ја купи книгата на Малала, па прочитав сé за нејзиниот живот и работа. Таа е прекрасна личност и голема инспирација“, смета Омаима.

„Би сакала да ја запознаам еден ден, и посакувам сите девојчиња во светот да можат да бидат како Малала“.

Извор: Mashable